Средба Маневски – г-ѓа Драгана Којиќ, шеф на Регионалната канцеларија на Меѓународниот Црвен Крст  
     
 

01.03.2011

 
 

Денеска во Министерството за правда министерот Маневски се сретна со г-ѓа Драгана Којиќ, шеф на Регионалната канцеларија на Меѓународниот Црвен Крст за Србија, Црна Гора, Македонија и Албанија.

Денешната посета на делегацијата на Меѓународниот Црвен Крст која се одвива во рамките на редовните годишни посети, беше можност новиот шеф на Канцеларијата на Меѓународниот Црвен Крст г-ѓа Драгана Којиќ да биде запозната со статусот на проектите  и активностите кои ги води Министерството и Управата за извршување на санкциите во однос на затворскиот систем.

На средбата министерот Маневски ја запозна г-ѓа Драгана Којиќ со активностите што ги презема министерството во овие 4 години  за подобрување на условите во пенитенцијарниот систем во Република Македонија.

Тој притоа истакна дека Министерството и Управата за извршување на санкциите преземаат активности за Република Македонија да добие затвори со високи стандарди. Министерот Маневски  во таа насока го  спомна   подобрувањето на сместувачките капацитети во затворите, поквалитетна здравствена заштита, и  реализацијата на капиталните проекти како што е изградбата на затвор Идризово  и доградбата на затвор Куманово.

За последните 3-4 години изградени се или реновирани голем број на затворски простор, што според Маневски е предизвик за да се создаде една нова слика на затворите во Република Македонија.

Шефот на Регионалната канцеларија на Меѓународниот Црвен Крст г-ѓа Драгана Којиќ го запозна министерот со  активностите кои што на регионално ниво ги презема Меѓународниот Црвен Крст и се заблагодари за успешната соработка со министерството и Управата .

 

Членот на делегацијата на Меѓународниот Црвен Крст г.Себастијан Боле Бесанкон истакна дека постои уверување од страна на делегацијата дека Владата на Република Македонија посветено работи на подобрување на условите во затворите, и ги подржува напорите за пронаоѓање на алтернативни мерки како што е пробацијата, за надминување на постоечките проблеми со пренатрупаноста на затворите.

Се уверивме исто така, рече г.Бесанкон дека на забелешките за одредени недостатоци во затворскиот систем, Владата и министерството прават планови и програми за надминување на тие недостатоци.

На средбата членовите на делегацијата на Меѓународниот Црвен Крст изразија задоволство од соработката со министерството и Управата за извршување на санкции.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk