СРЕДБА МИНИСТЕР МАНЕВСКИ – ПРЕТСТАВНИЦИ НА ЕУЛЕКС КОСОВО  
     
 

03.03.2011

 
 

Министерот Маневски оствари средба со високи претставници на ЕУЛЕКС Косово во насока на продолжување на соработката помеѓу двете институции која што беше иницирана минатиот месец, при иницијалната посета на шефот на Мисијата ЕУЛЕКС на Косово Бот де Марњак.

На денешната средба присуствуваа Директорот на правната компонентата на ЕУЛЕКС Силвио Бонгфили, Претседателот на Асамблејата на ЕУЛЕКС судиите Мариа Гулиана Цивинини, Главниот обвинител на ЕУЛЕКС Јоханес ван Вресвијк, посебниот помошник на Директорот на правната компонентата на ЕУЛЕКС Андреа Чмиелински-Бигази и Красимир Николов, експерт форензичар во ЕУЛЕКС.

На средбата, на која беа присутни и Претседателот на Судскиот Совет Александра Зафировска, Јавниот обвинител на Основното Јавно Обвинителство за гонење на сторители на дела на организиран криминал и корупција Јован Илиевски, и јавниот обвинител Љупчо Јовевски од Јавното Обвинителство на Република Македонија, покрај размената на контакти од двете страни, се разменија искуства од работата на правосудните органи во Република Македонија и Косово и беа разгледани можности за пренесување на искуствата на Република Македонија во однос на реформите на правосудниот систем, борбата против организираниот криминал и корупцијата како и реформите на пенитенцијарниот систем.

Министерот за правда на Република Македонија ги поздрави напорите кои ЕУЛЕКС ги презема и истакна дека нивната работа е многу комплексна и тешка и дека да се воспостави владеење на правото бара многу работа, време и искуство и Република Македонија е подготвена да помогне во остварувањето на нивните цели.

На состанокот беше договорено да продолжи директна комуникација помеѓу правосудните институции и Министерството за правда на Република Македонија и ЕУЛЕКС и властите на Косово во насока на конкретизирање на соработката. Во најскор можен рок, ќе следи потпишување на трите договори помеѓу Република Македонија и Косово кои се однесуваат на екстрадицијата, трансферот на осудените лица и меѓународната правна помош како и потпишување на Меморандум за соработка помеѓу јавните обвинителства на двете држави.


 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk