Подобрувањето на услугите на граѓаните е императив за институциите со јавни овластувања  
     
 

04.12.2006

 
 

Министерот за правда, Михајло Маневски  денеска имаше средба со претседателите на Комората на нотари, Златко Николовски, Адвокатската комора на Македонија, Ненад Јаничијевиќ, Комората на извршители Горан Тошевски и членот на Управниот одобор на Комората на медијатори, Сашо Поцевски.

Министерот Маневски, изразувајќи ја благодарноста за досегашната соработка со Коморите рече дека во наредниот период треба да се зголемат активностите за што подоследна примена на законите. Тој ја искажа потребата Коморите поинтензивно да се вклучат во борбата против корупцијата, за што ќе  имаат целосна поддршка од Министерство за правда. Министерот Маневски потенцира дека не смее да се дозволи во иднина дисциплинските органи на Комората на нотарите да не реагираат, како во изминатиот десетгодишен период во кој имало над 150 поплаки на граѓаните за работата на нотарите. Тој побара поинтензивен надзор врз работата на нотарите и почитување на Кодексот со цел спречување на повреди на законот.

Министерот рече дека очекува во наредниот период ќе се именува потребниот број на извршители, согласно Законот за извршување, за што постапката е веќе во тек. Тој потенцира дека од кусиот преиод на примена на Законот за извршување може да бидеме задоволни, бидејќи извршувањето на судските одлуки е значително поефикасно од порано.

Претседателот на Комората на нотарите, Златко Николовски ја истакна потребата од интервенција во Законот за договорен залог, за градење и за централен регистар  за да се оневозможат злоупотребите. Тој додаде дека е потребна измена и на Законот за вршење нотарски работи за да се прошират можностите за контрола на законитоста во работењето на нотарите.

Претседателот на Адвокатската комора на Македонија, Ненад Јаничијевиќ рече дека  веќе се направени измени во Законот за адвокатура на барање на Советот на Европа и тој сега е доусогласен со европските стандарди.

Претседателот на Комората на извршители, Горан Тошевски  истакна дека од досегашниот кус период на примена на Законот за извршување се задоволни. Тој посочи дека во извршувањето се јавувале одредени проблеми во соработката со Министерството за внатрешни работи, но рече дека се надеваат оти во наредниот период тоа ќе се надмине. Тошевски посочи дека праксата покажала оти се потребни измени во Законот за да се подобри извршувањето.

Сашо Поцевски, член на УО на Комората на медијатори, информира дека во тек е изготвувањето на логото на Комората и Тарифникот за медијаторите. Тој побара поддршка од Министерство за правда за измена на Законот за медијација во членот 28, за да може Комората да се регистрира во Централниот регистар.

Министерот за правда Михајло Маневски затворајќи го состанокот уште еднаш ја нагласи определбата на Министерство за правда за целосна поддршка на овие институции со јавни овластувања, со цел подобрување на услугите на граѓаните на Република Македонија. Тој додаде дека во наредниот период ќе се преземат низа активности за јакнење на одговорноста на носителите на јавни функции, но и на институциите кои имаат јавни овластувања.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk