Јавна расправа за измените и дополнувањата на Кривичниот законик  
     
 

11.03.2011

 
 

 (МИА) - Воведување посебна евиденција за лица осудени за кривични дела против половата слобода и морал сторени против малолетни лица, како и имплементирање на препораките од Извештајот за евалуација на Македонија усвоен од Групата држави против корупција (ГРЕКО), беа темите на кои денеска расправаше Работната група за измените и дополнувањата на Кривичниот законик, во организација на Министерството за правда.

Професорот Владо Камбовски посочи дека со посебната евиденција, која ќе ја води надлежен орган определен со Закон за малолетничка правда, се придонесува против сексуална злоупотреба на деца.

- Во Кривичниот законик ќе бидат поставени само основите на таквиот регистар, додека во Законот за малолетничка правда ќе треба понатаму да се разработи во која функција и како ќе можат тие податоци да се чуваат, евидентираат, собираат и користат, појасни Камбовски.

За овие дела Кривичниот законик предвидува високи затворски казни, а со последните измени на КЗ предвидено е изрекување на забрана за вршење професија, дејност или должност.

Препораките на ГРЕКО се имплементирани во измените во кривичните дела како неовластено примање подароци, неовластено давање подароци, примање поткуп, давање поткуп, давање награда за противзаконските влијанија, како и противзаконско посредување.

Во однос на препораките од ГРЕКО кои се однесуваат на казнените мерки за повреда на правилата за политичко финансирање, извршени се измени во листата на споредни казни кои можат да им се изречат на правните лица, а се предвидува и задолжително изрекување на казнената забрана за користење средства за финансирање политички партии.

- Во делот на политичките партии во споредните казни се предлага да се внесе казна која е именувана како „забрана за користење средства за финансирање на политичките партии од Буџетот на Република Македонија“, ако се претпостави дека политичката партија како правно лице ги повредила законските одредби кои се однесуваат на финансирањето на изборната кампања, истакна Камбовски.

Тој додаде дека покрај казната која ќе се изрече се изрекува и забрана за користење средства за сторителот кој ќе биде осуден за овие дела против изборите и гласањето.

Во делот во корупцијата во приватниот сектор, како што истакна професорот Камбовски, се прошируваат инкриминациите на примање подароци во приватниот сектор, т.е давање награди или подароци за да се изврши некое дејство во правното лице кое е спротивно на интересите на правното лице.

- Се прошируваат инкриминациите кои се однесуваат на делата на поткупување на службени и одговорни лица со тоа што се опфатени повеќе облици на делата на противзаконско посредување, различни варијанти на казнување за она што се нарекува тргување со влијание, примање подарок за да се влијае на друг да ја искористи својата посебна општествена или службена положба за да влијае да се донесе некоја незаконска одлука или да се преземе некое незаконско дејство, рече Камбовски.

Тој истакна дека досега во приватниот сектор беше инкриминирано само примањето награда за некој  во правното лице да преземе определени дејствија кои се спротивни на законските должности, а сега се инкриминира и активната страна, односно оној кој ја дава наградата за тоа да се направи. - Тоа е пандан на делото „давање поткуп“ како дело против службената должност, додаде Камбовски.

Според јавниот обвинител Марко Зврлевски измените и дополнувањата на Кривичниот законик овозможуваат  подобро покривање на сите коруптивни дејствија на одредени лица. - Со овој предлог и во правните лица кои не се општествени правни лица се создава алатка со која можеме полесно да се бориме против криминалот, а дали ќе се сузбие зависи пред се од сите нас, рече Зврлевски.

Тој појасни дека со измените и дополнувањата се создаваат алатки за справување со политичките партии, односно доколку некоја партија згреши се создаваат одредби со кои може тие евентуални дејанија да се покриваат со Кривичниот законик.

- Се предвидуваат и одредби со кои на партиите може да им биде изречена една од тие мерки, односно да им се изрече забрана за користење на државни буџетски средства, додаде тој.

Работната група по измените и дополнувањата на Кривичниот законик почна со работа минатата година и по денешната расправа, како што најави Камбовски ќе има уште една јавна расправа, па потоа измените и дополнувањата ќе одат на седница на Влада, а до крајот на овој месец најверојатно ќе влезат и во собраниска процедура.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk