Будва, Црна Гора:Обраќање на Маневски на Регионалната Конференција на министрите за правда и внатрешни работи  
     
 

17.03.2011

 
 

Денеска и утре (17 и 18 март 2011 година) во Будва, Република Црна Гора, се одржува Регионална конференција на министрите за правда и внатрешни работи, во рамки на Процесот на соработка на Југоисточна Европа (СЕЕЦП).

Конференцијата е во организација на претседавачот Република Црна Гора, а под покровителство на ОБСЕ и е посветена на регионалната соработка во борбата против организираниот криминал.

Во рамките на панелот посветен на соработката во областа на правда, свое обраќање имаше и министерот за правда Михајло Маневски. Министерот Маневски ги истакна заложбите  на Министерството за правда и Владата на Република Македонија за зајакната регионална соработка, посебно помеѓу обвинителствата и правосудните органи. Министерот Маневски информираше за неколку случаи на досегашна успешна  регионална соработка , која за резултат има правосилно завршени предмети од организиран криминал. Едновремено , министерот Маневски ги презентираше мерките кои ги презема Република Македонија, како на легислативен, така и на институционален план, што се однесува до борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Неспорен е фактот истакна Маневски дека во современиот свет, организираниот криминал и корупцијата не познаваат граници, додека криминалците ја злоупотребуваат постоечката ситуација и успешно избегнуваат казнено гонење. Токму затоа клучен приоритет на земјите од регионот треба да биде интензивирањето  за склучување на билатерални договори за екстрадиција на свои државјани за дела од областа на организиран криминал кои се применуваат рече Маневски.

Маневски  истакна дека досега Mинистерството за правда на Република Македонија има добиено иницијативи за склучување на билатерални договори од министерствата за правда  на Хрватска, Србија и Црна Гора. Ќе пристапиме кон склучување на билатерални договори рече Маневски по усвојувањето на уставниот амандман од страна на Собранието на Република Македонија.

Регионалната конференција на министрите за правда и внатрешни работи се очекува да заврши утре со усвојување на заедничка декларација за зајакнување на регионалната соработка и координација во борбата против организираниот криминал и корупцијата во Југоисточна Европа.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk