(МИА) – Во осумдесет судници во 30 судови низ Македонија до крајот на мај ќе биде вградена опрема за тонско снимање на рочиштата во формат на тонски запис.
Ова беше соопштено на денешната средба на министерот за правда Михајло Маневски со Координативното тело за електронско снимање на рочиштата, претставници на УСАИД и претседателите на судовите, кои беа информирани за почнувањето на работите за електронско опремување на судовите.
Целта на проектот, според ресорниот министер, е успешна имплементација на Законот за парнична постапка, кој ќе почне да се применува од 9 септември со што ќе се обезбеди ефикасност и економичност на постапката, заштита на правата и интересите и многу побрз пристап до правдата.
Инсталирањето ќе почне од следната недела, по што ќе бидат едуцирани 450 лица, вработени во судовите кои ќе работат со опремата.
Предвидено е да бидат обезбедени средства за регионални средби со претседателите на судовите, а пред почетокот на примената да биде издаден и прирачник.