Законска обврска правните субјекти да извршат упис на електронско сандаче како e-mail адреса  
     
 

25.03.2011

 
 

Скопје, 25 март 2011 (МИА) - Централниот регистар на Република Македонија (ЦР) на сите правни лица кои се регистрирани во Трговскиот регистар и Регистарот на други правни лица ќе им овозможи бесплатно пријавување за упис на електронско сандаче како e-mail адреса и по 1 април годинава.

На овој датум, согласно измените и дополнувaњата на Законот за едношалтерски систем и за водењето на Трговскиот регистар и на Регистарот на други правни лица, кои стапија во сила на 25 февруари годинава, истекуваше рокот во кој околу 100 илјади регистрирани правни субјекти имаа обврска да пријават електронско сандаче со e-mail адреса до ЦР на кое ќе може да им се доставуваат пишани документи и други видови податоци во електронска форма.   

Министерот за правда Михајло Маневски на денешната средба со новинарите посочи дека заради недоставувањето или неуредното доставување на судската писмена документација што во пракса доведува и до непотребно одложување на судските рочишта и до одолговлекување на судската постапка, пропишано е поднесоците од адвокатите, органот на државната управа, единицата на локалната самоуправа, правните лица и лицата кои вршат јавни овластувања, задолжително да содржат податоци за електронско сандаче за достава на писмената документација регистрирано согласно законот.

- Доставувањето се врши по електронски пат преку информатичкиот систем на судот на адресата на електронското сандаче на примателот на доставата. Доставата по електронски пат се смета за извршена на денот на приемот на писмениот документ по електронски пат, појасни Маневски.

Електронската пошта од електронското сандаче, како што додаде, примателот мора да ја преземе најдоцна осум дена од денот на нејзиното испраќање. - Примателот на доставата се предупредува дека доколку електронската пошта не биде преземена од електронското сандаче во рок од осум дена од денот на нејзиното испраќање, доставувањето ќе се смета за извршено, рече Маневски.

Тој посочи дека во Законот за парничната постапка, кој ќе почне да се  применува од 9 септември годинава, се пропишани обврските во врска со електронската достава на писмената и електронските адреси.

- За примената на Законот за парничната постапка преземени се голем број едукативни мерки во функција на обука на судиите, кои ги спроведува Академијата за обука на судии и јавни обвинители заедно со УСАИД, рече Маневски и додаде дека од октомври 2010 година до денес  се одржани вкупно 13 работилници кои се посветени на измените  на овој Закон. На работилниците учествувале 475 судии кои работат на граѓанската материја. Маневски најави дека до денот на примената на Законот предвидени се уште пет работилници кои ќе се одржат во април, мај и јуни годинава.

Во Законот за парничната постапка предвидено е тонско снимање на рочиштата, а во тек е техничко опремување на 80 судници во судовите низ Македонија.

Директорот на Централниот регистар Ванчо Костадиновски посочи дека Регистарот е целосно подготвен навреме да ги прифати сите апликации за упис на e-mail адреса.

- Целта на Централниот регистар е да се овозможи упишување  на e-mail адресите кои ќе бидат еден вид електронско поштенско сандаче преку кое ќе се доставуваат сите видови писмена документација по електронски пат. Поштанското сандаче како e-mail адреса ќе биде релевантен податок упишан во Трговскиот регистар и Регистарот на други правни лица во ЦР и ќе биде јавно достапен за секого, појасни Костадиновски.  

Тој додаде дека сите правни субјекти кои се законски обврзани можат да поднесат пријава за упис на e-mail адреса само со пополнување на образец во 27-те канцеларии на  Централниот регистар низ Македонија.

- Времето кое треба да го потрошат правните лица и трошоците се сведени на минимум, односно тоа е бесплатно и за 10 до 15 минути. Со самото донесување на пријавата во една од канцелариите на Централниот регистар нивната обврска завршува, а тоа можат да го направат и преку пошта до Централниот регистар, појасни Костадиновски.

Досега до Централниот регистар пријави за упис поднеле 6.495 правни субјекти од кои на 6.000 тоа веќе им е одобрено.

За правните лица кои нема да ја исполнат обврската за упишување на e-mail адреса како електронско поштенско сандаче предвидена е глоба од 500 до 1.000 евра.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk