Македонија и Косово потпишаа договори за соработка во кривичната материја  
     
 

08.04.2011

 
 

 (МИА) – Македонскиот министер за правда Михајло Маневски денеска во Приштина со косовскиот колега Хајредин Кучи потпишаа договори за заемна правна помош, за екстрадиција и за трансфер на осудени лица.

Со овие договори и нивната ратификација ќе се овозможи зајакнување на меѓународната соработка во областа на справување со криминалот, ќе се зајакнат капацитетите на институциите за справување со ова зло, ќе се овозможи брза и ефикасна судска постапка, со што едновремено ќе се одговори на проблемите што двете држави ги имаат во гонењето на криминалот.

- Неспорен е фактот дека во современиот свет организираниот криминал и корупцијата не познаваат граници, при што криминалците ја злоупотребуваат постоечката ситуација и успешно го избегнуваат казненото гонење. Со тоа се доведува во прашање превентивната и репресивната функција на казненото право и меѓународната и регионална правна рамка за спречување на криминалот и обврските на државата од меѓународните инструменти, истакна македонскиот министер за правда.

 Ваквата состојба, како што рече Маневски, не е во интерес ниту на една држава, особено кога се има предвид дека криминалците ги избегнуваат казните дури и за најтешките кривични дела. – Токму затоа клучен приоритет на земјите од  регионот е сузбивање на криминалот по пат на склучување на билатерални договори од кривична материја, додаде министерот Маневски.

Во контекст на тоа, Маневски рече дека со Договорот за екстрадиција ќе се оневозможат обвинетите лица да ги избегнуваат казнените гонења, туку ќе се создаде можност да се соочат со правдата во земјата каде ги сториле кривичните дела.

Косовскиот министер Кучи одговарајќи на новинарско прашање рече дека имале барање за екстрадиција од Македонија и оти тоа досега било регулирано со регулатива , која ќе излезе од сила со денешното потпишување на договорот.

- Со договорот се овозможува екстрадиција на граѓани од Косово во Македонија и обратно, но преку разгледување на секој случај поединечно. Има предмети кои се во судски процес во Косово или пак лица кои отслужуваат затворска казна и во тој случај не може да бидат екстрадирани додека не заврши кривичната постапка или отслужувањето, посочи Кучи.

Изразувајќи подготвеност за соработка во оваа област, тој рече дека верува оти ниту Македонија, ниту Косово нема да се гледаат како оази за луѓе кои сакаат да избегаат од една држава во друга.

Косовскиот министер рече дека судовите и обвинителствата од двете земји ќе ја искористат можноста што ја нудат трите договори кои денеска се потпишаа.

Кучи меѓу другото рече дека Косово и  Македонија имаат заеднички аспирации за зачленување во Европската унија.

 На денешната средба во Приштина, македонскиот министер за правда покрена иницијатива за поведување на постапка за склучување на договор за меѓународна правна помош  во граѓанската област, кој би требало да се ратификува кон крајот на годината.

- Меѓународната правна помош во граѓанската материја се одвива по дипломатски пат, преку кој постапката е побавна. Со склучување на билатералниот договор комуникацијата во меѓународната правна помош во граѓанската област, ќе биде директна меѓу двете министерства кои ќе бидат определени како централни органи, со што ќе се овзможи побрза и поефикасна постапка, појасни  Маневски.

Со договорот ќе се регулира материјата од граѓанското, семејното, трговското, трудовото и управното право.

Имајќи педвид дека меѓу двете земји, како што рече Маневски, пости развиен правен сообраќај, брачни, имотни, наследни, алиментациски и други спорови, со склучување на договорот ќе се овозможи поефикасно остварување на граѓанските права.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk