Промовирана книгата „Предизвици и достигнувања 2006-2010“ во издание на Министерството за правда  
     
 

11.04.2011

 
 

(МИА) - Министерот за правда Михајло Маневски денеска ја промовираше книгата „Предизвици и достигнувања 2006-2010“ во издание на ресорното министерство.

Во книгата се опфатени правосудството, политичкиот систем, заштитата на човековите права, пенитенцијарниот систем, борбата против организираниот криминал и корупцијата, судската соработка во кривичната и граѓанската материја, интеграцијата во Европската унија, меѓународните конференциски средби, односите со јавност и публикациите на Министерството за правда.

Промовирајќи ја книгата, министерот Маневски рече дека ресорното министерство од 2006 до 2010 година се соочило со големи предизвици и реформи на правосудниот систем, како владеењето на правото, функционирањето на независен и ефикасен правосуден и судски систем и подготовка на нова легислатива и подобрување на постојаната.

- Тука спаѓаат и јакнење на кадровските капацитети во институциите, утврдување стабилен систем за оценка и одговорност во вршењето на судската функција, како и институционална надградба и подобрување на инфраструктурните и материјални услови на правосудните и казнено-поправните институции и следење на примената на законските прописи, рече Маневски.

Тој истакна дека на почетокот, односно во 2006 година се соочиле со крупни предизвици како недоволна правна рамка, постојано зголемување на приливот на нови предмети во судовите, преоптовареност на судовите и голем број нерешени предмети, натрупани затвори и низок степен на борба против корупцијата и криминалот.

- Денеска може да кажеме дека опстоивме на реформите и го унапредивме процесот на патот за побрз пристап до правдата. Во периодот од 2006 до 2010 година, Министерството за правда подготви 143 закони, од кои 30 отсто се сосема нови, а се донесуваа со целосно транспарентна постапка. Во овој период заедно со Владата акцентот беше ставен на надградување на постојаната законска регулатива од областа на правосудството. Во 2010 година се донесени најзначајните темелни реформи кои се подготвуваа повеќе од 2 години, потенцираше министерот.

Според него, во текот на наведениот период формирани се 10 нови институции како Апелацискиот суд-Гостивар и Академијата за судии и јавни обвинители, се воведе тонско снимање на рочиштата, завршена е реконструкција на 11 судови, во сите судови воведен е Автоматизиран информатички систем за управување со судски предмети, а прв пат е воведено и електронско судство.

Во 2010 година, рече Маневски, во судовите низ земјата решени се 967.352 предмети, што е за 52 отсто повеќе од предходната година. - Покрај тоа, наша цел е да изградиме затвори според европските стандарди и да создадеме оптимални услови за престој и работа на осудените и вработени лица во казнено поправните установи, додаде министерот.

- Спречувањето на корупцијата претставува еден од највисоките приоритети на Владата. Јасно изразената политичка волја за безкомпромисна борба против корупцијата е поткрепена со реформи на политичкиот и економскиот систем. Најсилниот инструмент во борбата против организираниот криминал и корупцијата е конфискацијата на имот и одземањето на имотна корист, рече Маневски.

Во однос на човековите права, посочи, Министерството за правда презело бројни мерки. Тој потенцираше дека ако 2010 година била година на заокружување на правната рамка, тогаш 2011 е година на спроведување на законите. За односите со јавност, Маневски рече дека министерството постојано настојува транспарентно да обезбеди проток на информации до медиумите.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk