Обука на македонските судии за член 6 од Европската конвенција за човекови права  
     
 

18.04.2011

 
 

(МИА) - Академијата за судии и јавни обвинители на Република Македонија, во соработка и со финансиска поддршка на TAIЕX Инструментот на Европската комисија за техничка помош и размена на информации, денеска и утре организира обука за членот 6 на Европската конвенција за човекови права.

Основна цел на обуката, како што рече на отворањето директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска, е размена на искуства и продлабочување на знаењата на носителите на правосудните функции во примена на членот 6 од Европската конвенција за човековите права и јурисдикцијата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, како и компаративна анализа со домашната правна регулатива и практика во поглед на заштита на правото на судeње во разумен рок.

Судијата на Европскиот суд за човекови права Мирјана Лазарова-Трајковска рече дека бројот на предмети кои пристигнуваат годишно од Македонија во Стразбур од 2007 година па наваму се движи околу 400 до 450 предмети, а најголем дел од нив се однесуваат на долгото траење на постапките.

- Таа бројка е висока за земја како Македонија, бидејќи ако се спореди по бројот на жители Македонија е меѓу првите 10 земји по бројот на поднесените жалби пред Европскиот суд за човекови права, истакна Лазарова-Трајковска. 

Таа потсети дека минатата година Европскиот суд за човекови права донесе важна пресуда во однос на не добро образложената мерка притвор од страна на судовите по предметот „Василковски и останатите“.

- Целта на нашите пресуди не е во конкретниот предмет да посочи дека постои проблем, туку да и укаже на државата дека судот констатирал проблем и притоа државата да води сметка во другите постапки да не се повтори, нагласи Лазарова-Трајковска.

Говорејќи за пресудите, таа ги посочи оние кои се однесуваат на принципот на еднаквост на оружјето. - Минатата година донесовме пресуда по предметот „Настевска против Република Македонија“, а оваа година донесовме пресуда по предметот на „Атанасов против Република Македонија“ во кои кажавме дека принципот на еднаквост на оружјата не бил испочитуван од страна на домашните судови, односно улогата на јавниот обвинител во тие конкретни два предмети не била во согласност со принципот на пропорционалност, појасни таа.

Лазарова-Трајковска посочи дека не е важен квантитетот, туку е важен квалитетот на жалбата, односно како ќе се подготви таа. Важно е, како што рече,  да се искористат сите домашни правни лекови, да се води сметка за принципот на поднесување апликации не подоцна од шест месеци од последната правосилна пресуда, важно е жалителите во жалбата точно да посочат кои елемент во текот на постапката се однесува кон повредата и по кој член од Конвенцијата тие сметаат дека е повредено одредено право.

Во изминативе 10 години против Република Македонија донесени се 87 пресуди и 195 одлуки. Во последните три години  од 87-те пресуди, 56 пресуди се донесени против Република Македонија и 175 одлуки за пријателско спогодување. - Ако се земе оваа бројка ќе се види дека добар дел од апликациите на македонските жалители Судот ги уважил, односно дека државата ја прифатила вината дека има повреда, истакна Лазарова-Трајковска.

Претседателот на Одделот за судење во разумен рок при Врховиот суд Николчо Николовски посочи дека од 2008 година, откако се воведени измените и дополнувањата на Законот за судовите, Врховен почна да го применува ова правно средство за судење во разумен  рок.

- Досега во Врховен суд се примени 869 предмети во работа, од нив се решени 822, а во 222 случаи има досудено правичен паричен надоместок и дадено тек на постапката во околу 120 предмети, рече тој.

Според Николовски, времето во кое Врховниот суд треба да реши по барањата е шест месеци, а рокот за кој треба да се исплати досудениот надоместок е три месеци. -Судскиот буџетски совет е должен во рок од три месеци да го исплатат надоместокот на странката, односно на граѓанинот кој аплицирал пред Врховниот суд, истакна Николовски, додавајќи дека според нивната анализа најмалиот износ што е досуден е 5.000 денари, а највисокиот износ е 240.000 денари и се совпаѓа со праксата на Европскиот суд за човекови права.

Судијата на Европскиот суд за човекови права од Србија, Драгољуб Поповиќ посочи дека по бројот на претставките Србија се наоѓа на осмо место во Европа, по Русија, Турција, Украина, Бугарија...

Поповиќ рече дека преку 3.000 предмети  од Србија се наоѓаат во Европскиот суд за човекови права, а се однесуваат на проблемите со должината на судката постапка, со државните претпријатија, семејните-правни прашања...

Дводневната обука за членот 6 на Европската конвенција за човекови права е организирана од Академијата за судии и јавни обвинители на Република Македонија, во соработка и со финансиска поддршка на TAIЕX Инструментот на Европската комисија за техничка помош и размена на информации.

Обуката е наменета за судии и советници од Одделот за судење во разумен рок при Врховниот суд на Македонија, за претседателите на апелациските судови, како и за претседателите на основните судови.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk