Одржана 10-та Седница на Советот за судски реформи  
     
 

20.04.2011

 
 

Денеска во Министерството за правда се одржа 10-та Седница на Советот за судски реформи.

На Седницата присуствуваа министерот за правда Михајло Маневски, државниот секретар во Министерството за правда Билјана Бришкоска Бошковски, претседателот на Судскиот совет на Република Македонија Александра Зафироска, претседателот на Советот на јавните обвинители на Република Македонија Костадин Кизов, претседателот на Управниот суд Скопје Розалија Кочковска, претседателот на Основниот суд Скопје I Скопје Лидија Неделковска, претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија Ненад Јаниќевиќ, претседателот на Нотарската комора на Република Македонија Зорица Пулејкова, јавните обвинители Марко Зврлевски и Јован Илиовски, директорот на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска и д-р Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет Јустинијан I - Скопје.

На оваа Седница беше презентиран пресек на спроведените и планираните реформските активности на Министерството за правда, од аспект на донесена легислатива, градење на кадровските и институционалните капацитети, спроведувањето на законите и од аспект на ефикасноста на работењето на институциите.

Годините 2008, 2009 и 2010 се особено значајни заради интензивната нормативна активност, а во 2011 година фокусот се става на имплементацијата на законите.

Во изминатиот период донесени се голем број на закони како Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка (Службен весник на Република Македонија, бр.116/2010), Законот за изменување и дополнување на Законот за судскиот буџет (Службен весник на Република Македонија бр.145/2010), Законот за кривичната постапка (Службен весник на Република Македонија бр.150/2010), Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија (Службен весник на Република Македонија, бр.150/2010), Законот изменување и дополнување на Законот за судовите (Службен весник на Република Македонија бр.150/2010), Законот за изменување и дополнување на Законот за управните спорови (Службен весник на Република Македонија, бр.150/2010), Законот за изменување и дополнување на Законот за судска служба (Службен весник на Република Македонија, бр.150/2010) и други. Во законите се вградени одредби за обезбедување на темелни реформи во судскиот систем за обезбедување на самостојно и независно судство. Со одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија (Службен весник на Република Македонија, бр. 150/2010) е предвидено Советот задолжително на јавна седница најмалку еднаш во месецот  да одржува седница на која ќе расправа поединечно по сите претставки и поплаки поднесени од граѓаните и правните лица за работата на судиите и судовите, како и за одолжување на судските постапки и за секоја одделна претставка и поплака да донесе одлука.

Судењето во разумен рок претставува основно човеково право и со одредбите на новите закони се става крај на одолговлекувањето на судските постапки, истакна министерот Маневски, подвлекувајќи дека судењата во Република Македонија треба дa се одвиваат во законски утврдените рокови и акцентот во функционирањето на судскиот систем треба да биде ставен на почитувањето на законските рокови за преземање на процесните дејствија.

Особено важно е да се истакне ефикасноста на судството која е во постојан пораст. Според презентираните статистички податоци, бројот на решените предмети во судовите е во постојан пораст. Во 2010 година, судовите во Република Македонија решија вкупно 967 352 предмети, што е повеќе во однос на претходната година за 53%. Сите судови успеаја да го решат приливот на новите предмети и да ги намалат заостатоците на нерешените за околу 200 000 предмети.

Во функција на начелото на владеењето на правото е транспарентноста, од каде произлегува обврската за објавувањето на судските пресуди и функционирањето на Канцелариите за односи со јавност во сите судови. Отворени се 33 Канцеларии за односи со јавноста во судовите. Од особена важност е континуитетот во комуникацијата на судовите со јавноста, транспарентноста го гради кредибилитетот на судиската функција и ја зголемува довербата кај граѓаните, порача министерот за правда.

Анкетата спроведена од невладината организација Македонски центар за меѓународна соработка покажа зголемување на довербата во судството за 10%. Исто така, зголемена е и довербата на граѓаните во работата на судиите за 8%.

Судството ги надминува хроничните проблеми. Како што информираше претседателот на Судскиот совет на Република Македонија, завршено е оценувањето на судиите, постигнати се позитивни резултати, а за прв пат се прави оценување и на претседателите на судовите.

Сите спроведени и планирани активности се во насока на создавање на оптимални услови за работа на судовите и јавните обвинителства. Судовите се растоваруваат од неспорните предмети, предметите од оставинска постапка и платните налози, како би можеле истите да се посветат на работењето на спорните предмети, воведена е електронската достава на писмена, а започна инсталирањето на опремата за тонско снимање на судските рочишта. Сè што е направено за судовите во насока на имплементација на новиот Закон за кривичната постапка и измените и дополнувањата на Законот за парничната постапка, во наредниот период ќе биде направено и за јавните обвинителства.

Исто така, од особено значење е спроведувањето на Законот за бесплатна правна помош, истакна министерот Маневски. Донесени се сите подзаконски акти од овој Закон, издадени се 35 решенија за остварување на правото за бесплатна правна помош, се следи имплементацијата на Законот и веќе се остваруваат позитивни ефекти.

Презентација за 10-та Седница на Советот за судски реформи

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk