Измир , Турција – усвоена Декларација со која се надградува и продлабочува реформата на Европскиот суд за човекови права  
     
 

27.04.2011

 
 

       Денескa во Измир, Турција, на вториот ден од Измирската Конференција на високо ниво за иднината на Европскиот суд за човекови права, која се одржува во рамките на турското претседателство со Комитетот на Министри на Советот на Европа, 47-те држави членки на Советот на Европа едногласно усвоија Декларација со која се надградува и продлабочува реформата на Европскиот суд за човекови права, дефинирана со Декларацијата од Интерлакен (февруари 2010 година).

     Измирската декларација е проследена со акционен план за имплементација кој се фокусира на 9 основни прашања:

1.       Правото на Индивидуална жалба пред Европскиот суд за човековите права -која продолжува да биде основен темелник на Конвенцијата, и за чија што брза и ефикасна заштита мора да се овозможи брзо елиминирање на недопуштените жалби;  да се продолжи со изнаоѓање на начини за наплата на судски такси, или други процедурални начини за пристап до Судот;

2.         Имплементација на Конвенцијата на национално ниво- основно е да се обезбеди  постоење на ефикасни правни лекови на домашно ниво; целосна соработка со Комитетот на Министри во правец на новите методи за извршување на пресудите на Судот; обезбедување на програми за професионален тренинг на судиите, обвинителите и извршните власти за стандардите на Конвенцијата и праксата на ЕСЧП; преведување на националниот јазик на Прирачникот за критериумите за допуштеност подготвен од Судот;

3.       Системот за филтрирање на жалбите во ЕСЧП преку системот на судија поединец дава првични резултати, но чија надградба треба да продолжи;

4.       Советодавни мислења, кои Судот би ги давал по барање на највисокиот суд во државата, а заради интерпретација и примена на Конвенцијата во правец на избегнување на идни повреди;

5.       Повторувачките жалби и понатаму го оптоваруваат Судот, заради што државите се повикани истите да ги решаваат преку пријателски спогодби и еднострани декларации, кога тоа е соодветно.

6.       ЕСЧП повикан  конзистентно и целосно да ги применува критериумите за допуштеност на жалбите, како и новите заострени критериуми за допуштеност воведени со Протоколот број 14; да ги направи јавно достапни правилата за определување на правичен надомест согласно член 41 од Конвенцијата; редовно да организира работни средби со Владините агенти;

7.       Поедноставени процедури за дополнувања на Конвенцијата, при што Комитетот на Министри е повикан да започне со подготвителни работи за поедноставените процедури ;

8.       Надзорот над извршувањето на Пресудите на ЕСЧП, при што Комитетот на Министри е повикан да ја зајакне процедурата на извршување до крајот на 2011, и целосно да го применува принципот на субсидијарност со кој на државите членки им се остава изборот на средствата на извршување на пресудите;

Пристапување на Европската унија кон Конвенцијата,  при што беше поздравен напредокот направен во преговорите за  пристапување на ЕУ кон Конвенцијата.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk