Македонија ќе добие Граѓански законик  
     
 

29.04.2011

 
 

 

(МИА) - Република Македонија ќе добие Граѓански законик што треба да ги интегрира нормите со кои се уредуваат граѓанско-правните односи во комплетен и непротивречен систем, проект, кој како што оценија членовите на Комисијата што треба да го изработи, не е само правна реформа, туку и историски чин за државата.

           

- Со овој чин, реално започнавме еден голем и комплексен процес, за кој со години наназад се говореше, но ништо не се превземаше, изјави премиерот Никола Груевски на денешната конституивна седница на Комисијата за изготвување Граѓански законик. Тој додаде дека со реализација на оваа кодификација ќе се верифицира посветеноста на оваа Влада за јакнење на демократското општество, владеење на правото и правната држава.

Груевски смета дека ова е логичен чекор по напорното спроведувањето на реформата и развојот на целокупниот правен систем на државата и работата за достигнување на целосна хармонизација со правото на Европската унија.

           

- Подготвувајќи ја сета таа регулатива се наметна заклучокот за поголема внатрешна хармонизација и усогласеност на правото, како резултат на сознанието дека македонското право делумно се уште влече рецидиви од правото кое потекнува од поранешното општествено уредување, како и фактот дека по осамостојувањето на државата се прифати парцијалниот пристап во градењето на македонскиот правен систем, истакна премиерот и додаде дека тој пристап создал недоследности во правниот систем  со што се отежнала доследната имплементација на законите.

Тргнавме, вели Груевски, од граѓанската област како домен на правото кој вклучува огромен број  законски и подзаконски акти со сознание дека е потребно да се избере пристап кој би значел своевидна „гилотина“ на прописите кои продуцираат недоследни и контрадикторни правни решенија.

- Ваквиот пристап беше потврден и од страна на МАНУ, а Владата подготви проект за изработка на граѓанскиот законик, рече Груевски, додавајќи дека тој бил поддржан од МАНУ и потпомогнат од Сојузното Министерство за стопанска соработка и развој на Германија.

И министерот за правда Михајло Маневски смета дека општествено-економските, политичките и правните промени во државата и степенот на правната уреденост на домашното законодавство создале основни претпоставки да се пристапи кон процесот на кодификација на граѓанско-правната област во форма на Граѓански законик.

Процесот на кодификација, како што појасни, ќе обезбеди натамошно осовремување на законските решенија во граѓанската област, градење на конзистентен систем, интегриран во единствен и систематизиран правен акт.

- Кодификацијата од нормативно правен аспект подразбира интегрирање на нормите со кои се уредуваат граѓанско правните односи во релативно комплексен, комплетен и непротивречен систем, кој постепено се гради во релативно кохерентна, функционална и логична целина, истакна Маневски.

Таа, како што посочи, е во функција на создавање правна сигурност и доверба на учесниците во правниот промет и пласманот на инвестициите.

Претседателот на Комисијата професорот Гале Галев верува дека проектот ќе биде завршен за пет години, но оти тоа е краток период ако се земе во вид дека Граѓанскиот законик треба да важи за следните 100 години.

Кодификацијата на граѓанското право, смета потпретседателот на МАНУ Владо Камбовски, ќе означи дека во една суштинска смисла транзицијата е завршена и дека општеството влегува во еден стабилен период во кој се јасно определени правата, должностите, одговорностите...

- Овој проект треба да исполни неколку очекувања. Не само да ја претстави Македонија како една културна заедница, туку да одговори на предизвиците на современоста, односно науката и знаењето, да го поттикне научниот интерес и да прибере научен подмладок и да го насочи во сите овие подрачја што ќе бидат истражувани, рече Камбовски.

Надворешниот член на Комисијата за изготвување на Граѓанскиот законик Томас Мајер од ГТЗ смета дека отпочнувањето на проектот за кодификација на Граѓанското право е историски чин.

-  Македонскиот проект е прашање на гордост на македонската нација. И треба да биде. Граѓанскиот законик е еден од столбовите на секој национален правен систем, односно тој е нешто како Устав во Граѓанското право, додаде Мајер.

И професорот по процесно право од Хрватска Михајло Дика се согласува оти ова е мошне значаен чекор за Македонија, особено поради тоа што, како што рече, ваква кодификација не е направена во земјите во нејзиното соседство.

- Тоа што се одлучивте да пристапите на изработка на Граѓанскиот кодекс говори за исклучителната зрелост и подготвеност на правната заедница. Но нешто што многу е можеби позначајно е политичката поддршка за овој проект, бидејќи без неа проектот не би можел да се реализира, додаде тој.

Во Комисијата за изготвување на Граѓански законик на Република Македонија учествуваат експерти од државава и од странство.

Oбраќање на министерот Mихајло Маневски

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk