Министерот Маневски во Охрид на Регионалната конференција посветена на борбата против компјутерскиот криминал  
     
 

11.05.2011

 
 

 (МИА) – Со интензивирањето на регионалната и меѓународната соработка во областа на компјутерскиот криминал ќе се зајакнат капацитетите на институциите за справување со тој вид кривични дела, истакна министерот за правда Михајло Маневски во Охрид пред учесниците на регионалната конференција посветена на зајакнувањето на борбата против компјутерскиот криминал.

Триесетина претставници на правосудството од државите во регионот, заедно со преставници на Директоратот за соработка при Советот на Европа, како и меѓународни експерти, на дводеневниот собир насловен „Компјутерскиот криминал и анализа на програмите за обука на судиите и јавните обвинители“ ќе ги анализираат аспектите на компјутерскиот криминал, а воедно и ќе се запознаат со европските искуства и практики во справувањето со тој специфичен вид организиран криминал. 

Во обраќањето пред учесниците на собирот, министерот Маневски потсети на активностите што Реублика Македонија ги има преземено во справувањето со компјутерскиот криминал, од надградувањето на легислативната рамка, ратификувањето на Конвенцијата за спречување на компјутерскиот криминал и дополнителниот Протокол, до вградувањето на делата што се однесуват на тој вид криминал во националниот Кривичен законик.

- Компјутерскиот криминал е организиран вид криминал, исклучително сериозен вид со тешки последици. Токму од тие причини се и свикани овие работилници, на кои се врши обука на судии, јавни обвинители, полициски службеници и преку кои се обезбедува координирана регионална и меѓународна соработка, рече Маневски.

Тој истакна дека во Република Македонија е забележан постојан раст на бројот на извршени кривични дела од областа на злоупотребата на информатичката технологија. - Македонија бележи постојано зголемување на бројот вакви кривични дела, како што е впрочем и во другите држави. Оваа година е пријавено 51 кривично дело, најчесто неовластено навлегување во компјутерски систем, компјутерска измама, изработка и злоупотреба на лажна компјутерска картичка, компјутерски фалсификат. Најновите кривични дела е производство и дистрибуција на материјали со детска порнографија преку компјутерски систем, дело што е казниво според одредбите на Меѓународна конвенција за заштита на децата од сексуална и друг вид експлоатација, рече министерот Маневски, притоа посочувајќи дека само во текот на оваа година од извршувањето на овие кривични дела државата претпрпела штети во висина од над 22 милиони денари.

Според статистичките податоци, од сто лица опфатени со кривично гонење во Македонија една третина се лица кои не се македонски државјани, што е потврда дека тој криминал не познава граници.

- Тоа го покажува најновиот случај со откриената група сторители на кривични дела од Република Македонија и соседна Србија, кои со софистицирана опрема фалсификувале и злоутребувале лажни платежни картички, но и документи за идентификација, истакна Маневски, повторувајќи дека успешна битка против сите видови криминал не може да се врши на национално ниво, туку за неа е потребна регионална и меѓународна соработка.

Според Кристина Шулман, началник на Единицата за борба против компјутерски криминал при Советот на Европа, информациите со кои располага Советот укажуваат на недостиг на обучени лица, како и материјал за обука на кадар инволвиран во борбата против компјутерскиот криминал, сето тоа уредено со конкретна стратегија за справување со тој вид криминал.

- Повеќето од  државите од регионот имаат усвоено легислатива со која се ратификуваат одредбите од Будимпештанската конвенција со која се уредува меѓународната соработка како прв чекор во борбата против компјутерскиот криминал, кај некои држави се потребни одредени измени во националното законодавство, формирани се и посебни единици за борба против тој вид криминал. Но, сето тоа е на почетно ниво, неопходна е интензивна дополнителна обука за да се биде успешен во откривањето и процесуирањето на сторителите на кривични дела од областа на компјутерската технологија. Тука уште како проблем може да се посочи недостаток на опрема  за следење и откривање сторители на компјутерски прекршоци, како и малиот број дела што се процесуирани кога е во прашање компјутерскиот криминал, додаде таа.

Конференцијата во Охрид се спроведува во организација на Академијата за судии и јавни обвинители, со финансиска поддршка од Советот на Европа. Инаку, од 2008 година континуирано преку Академијата за судии и обвинители, се спреведени поголем број семинари, средби, работилници, преку кои досега се обучени 167 судии, јавни обвинители, судски советници, полициски службеници, односно лица кои професионално се вклучени во активностите како превенција, откривање и санкционирање на организираниот, и оттаму и компјутерскиот криминал.

Во светот моментално се проценува дека пристап кон Интернет имат над милијарда луѓе. Според статистиката, доколку само еден процент од нив извршат каква било злоупотреба на информатичката технологија, вкупниот број извршители на казнени дела изнесува десет милиони.

 

 

 

Говор на министерот Михајло Маневски
 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk