Средба на Министерот за правда Маневски со г-ѓа Наталија Дрозд, в.д. шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје  
     
 

12.05.2011

 
 

Денеска, министерот за правда Михајло Маневски оствари средба со г-ѓа Наталија Дрозд, в.д. шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во придружба на г-а Лиса Тилни, раководител на Одделот за владеење на правото на Мисијата.

На средбата министерот Маневски и г-ѓа Дрозд разговараа за понатамошна соработка со реализација на конкретни активности во функција на имплементацијата на новините на новиот Законот за кривичната постапка, реализација на конкретни активности во областа на изборното право и спроведувањето на Законот за бесплатна правна помош.

Се наоѓаме во фаза на имплементација на законите, истакна министерот Маневски. Во пресрет на имплементацијата на измените и дополнувањата на Законот за парничната постапка се реализираат обуки, од кои со обуките поддржани од УСАИД за управување со опремата за тонско снимање на судските рочишта опфатени се 450 судски советници и судски службеници. Со обуките за имплементација на Законот за кривичната постапка, согласно Акциониот план, планирано е да се опфатат околу 600 судии, јавни обвинители, полициски службеници, службеници од Управата за финансиска полиција, Царинска управа и други институции.

Министерството за правда посебна важност придава на информатичката технологија и електронското управување со судските предмети. Со примената на Законот за парничната постапка, од 9-ти септември оваа година ќе се врши електронска достава на судските писмена. Она што се реализира во функција на имплементација на новините од измените и дополнувањата на Законот за парничната постапка се работи и во функција на имплементација на новиот Закон за кривичната постапка. Законски определените рокови и функционирањето на електронското судство остваруваат резултати во поглед на ажурноста на судовите во постапувањето по предметите, што доведува до значително намалување на бројот на претставки за работа на судовите. Така, бројот на претставките поднесени до Министерството за правда за работа на судовите во 2010 во однос на 2009 година е намален за 558 претставки односно за 37 %.

Што се однесува на спроведувањето на Законот за бесплатна правна помош, министерот за правда Маневски со задоволство ја информираше г-ѓа Дрозд за позитивните резултати од примената на Законот. Во изминатите месеци министерот за правда донесе 45 решенија за остварување на правото на бесплатна правна помош чии баратели во најголем број се жртви на семејно насилство, за остварување на имотни права, права од работни односи и од областа на заштитата на деца и младинци.

На средбата беше истакната важноста да се продлабочува регионална соработка со цел размена на искуства и позитивна практика во имплементација на законите.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk