МВР и Министерството за правда потпишаа Меморандум за соработка  
     
 

13.05.2011

 
 

(МИА) - Mинистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и министерот за правда Михајло Маневски денеска потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете институции околу имплементацијата на активностите предвидени со Програмата за спроведување на Акцискиот план за спроведување на Законот за кривична постапка.

- Меморандумот треба да им овозможи на двете министерства партнерско делување во реализирање на обуките  во делот на Законот за кривична постапка, а е од значење и за спроведување на Кривичниот законик и другите закони од областа на кривичното право, со посебен акцент на борбата против организираниот криминал и корупција, рече министерката Јанкулоска.

Во наредниот период, како што истакна, до стапувањето во сила на законот преку разните форми на обука службениците на МВР, но и судиите, јавните обвинители, пред се правосудната полиција, ќе се оспособат за примена на новиот концепт на Законот за кривична постапка, осбено за новата улога на јавниот обвинител, на правосудната полиција, на судот и на одбраната.

- Со Меморандумот се обезбедува навремено подготвување на двете министерства за ефикасно имплементирање и натамошно институционално практикување на Законот за кривична постапка со кој што се воведува систем на современа и ефикасна кривична постапка со целосно почитување на начелото на владеењето на правото и заштитата на човековите права и слободи, согласно меѓународните документи на ОН, на Советот на Европа и ЕУ, рече Јанкулоска.

Преку хармонизација на соработката меѓу министерствата, како што рече Јанкулоска, се поставува нулта толеранција кон криминалот.

Министерот за правда Михајло Маневски нагласи дека овој закон се подготвувал повеќе од две години и оти пред да почне неговата целосна имплементација, судиите, јавните обвинители и сите инволвирани во процесот ќе подлежат на обука преку 14 едукативни семинари кои ќе почнат со одржување кон крајот на овој месец, а ќе завршат до крајот на годината.

- Дванаесет од семинарите се организираат со целосна поддршка на ОБСЕ, а два семинари со поддршка на правната канцеларија на амбасадата на САД, рече Маневски.

На потпишувањето на Меморандумот присуствуваше и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска, чија институција заедно со Центарот за обука при МВР ќе бидат носители на активностите во делот на обуките.

Меморандум за соработка меѓу двете институции околу имплементацијата на активностите предвидени со Програмата за спроведување на Акцискиот план за спроведување на Законот за кривична постапка

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk