Средба Маневски – г. Јејтс, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за изборите 2011  
     
 

16.05.2011

 
 

Денеска, министерот за правда Михајло Маневски во просториите на Министерството за правда оствари средба со претставниците на ОБСЕ/ОДИХР-набљудувачката мисија на изборите во 2011 година - г. Џулијан Пил Јејтс, шеф на набљудувачката мисија, г-дин Доналд Бисон, заменик шеф и г-а Тамара Отиашвили, правен аналитичар.

На работната средба министерот за правда ги информираше присутните за измените во Изборниот законик и измените на Кривичниот законик.

Измените на Изборниот законик се однесуваат на имплементација на препораките на ОБСЕ /ОДИХР, а особено акцентот е ставен на финансирањето на изборната кампања - заштита на правните механизми од незаконското финансирање на изборната кампања, прецизирање на одредбите за обезбедување на сигурност во примената на регулативата за изборно финасирање на кампањата, дефинирање на почетокот и завршување на изборната кампања, донесување на Правилници за рамноправно медиумско преставување. И посебно во измените е вградена обврска за доставување на  периодични финансиски извештаи од страна на организаторот на изборната кампања.

Се направија измени и дополнувања во Кривичниот законик во делот кој се однесува на кривичните дела против изборите и гласањето. Измените се однесуваат на членот 96-б од Кривичниот законик со што  се дополнува листата на споредни казни со уште една казна, односно забрана за користење на средства за финансирање на политички партии од Буџетот на Република Македонија, а која заедно со другите споредни казни може да му се изречат на правното лице кое ја злоупотребило својата дејност и постои опасност во иднина да го повтори делото.

Исто така, се предвиде одредба за Злоупотреба на средствата за финансирање на изборна кампања и задолжително изрекување на казната забрана за користење на средства за финансирање на политички партии за кривичните дела против изборите и гласањето. Со овие измени се направи усогласување со препораките од ГРЕКО- Извештајот, а кои се однесуваа на финансирањето на политичките партии, а поврзани со кривични против изборите и гласањето.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk