Предлог на закон за изменување и дополнување на кривичниот законик  
     
 

17.05.2011

 
 

-          Предвидено ново кривично дело „Злоупотреба на правата од безвизниот режим со државите членки на Европската Унија и на Шенгенскиот договор“

Министерството за правда подготви и до Владата на Република Македонија достави предлог за изменување и дополнување на Кривичниот законик со кој се предвидува ново кривично дело „Злоупотреба на правата од безвизниот режим со државите членки на Европската Унија и на Шенгенскиот договор“.

Со ова кривично дело се санкционира сторителот кој врбува, поттикнува, организира, засолнува или превезува лица во држава членка на Европската Унија и на Шенгенскиот договор, заради стекнување или остварување на социјални, економски или други права, спротивно на  правото на Европската Унија и на меѓународното право. За овој облик на кривично дело е пропишана казна затвор од најмалку четири години.

Ако делото е сторено од користољубие се пропишува казна затвор од најмалку осум години.

Исто така, предвидена е и одговорност на правното лице (превозници, туристички агенции и др.) кое врбува, поттикнува, организира, засолнува или превезува лица во држава членка на Европската Унија и на Шенгенскиот договор спротивно на  правото на Европската Унија и на меѓународното право за што е парична казна во износ до 30.000.000 милиони денари. Со новото кривично дело се предвидува  и одземање на предметите и превозните средства кои се употребени за извршување на кривичното дело.

Со новото кривично дело ќе се создадат казнено-правни механизми за спречување злоупотреба на правата од безвизниот режим со државите членки на Европската Унија и на Шенгенскиот договор.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk