Охрид -Маневски: 2011 – година на реформи во судската постапка  
     
 

19.05.2011

 
 

(МИА) – Ако 2010 беше година на заокружување на правната рамка во спроведување на судските реформи, 2011 е година на имплементација на законите и законските измени. Активностите кои значат подготовка на сите субјекти во применувањето на законите се во интензивен тек и се одвиваат согласно утврдената динамика, истакна министерот за правда Михајло Маневски во обраќањето пред учесниците на 64-та Средба на правниците на Република Македонија што се одржува во Охрид. - Со новите законски решенија ќе се овозможи побрзо и поквалитетно решавање на предметите во судството и ќе се создадат услови судовите да се занимаваат со она што навистина е нивна надлежност, а тоа е решавање на кривичните, стопанските и граѓанските спорови, истакна министерот Маневски. Тој појасни дека оваа година ќе се врши имплементација на новите законски решенија, како што се законите за кривична постапка, за парнична постапка, за извршување и Законот за управните спорови, со кои комплетно се редефинираат положбите на странките во постапката и ги определуваат процесните рокови во кои мора да бидат преземени одредени процесни дејствија. - Тоа се рокови прoпишани со Законот за парнична постапка, а се во функција на забрзувањето на постапката, обезбедување објективност и навремено утврдување на фактичките состојби, без злупотреба на овластувањата на странките во постапката, истакна Маневски, додавајќи дека судска работа ќе останат само спорните случаи кои треба ефикасно да се разрешуваат, согласно одредената динамика. Како што појасни, тој широк фронт преземени активности се однесува на целиот корпус граѓански предмети што се наоѓаат во судовите. - Она што е значајно е што во законот за парнична постапка е предвидено од идниот месец издавањето платни налози да биде префрлено во надлежност на нотарите, исто како и извршните предмети што се уште се во судовите да одат кај извршителите. Наплатата на паричните казни за прекршоци и кривични дела од 9 септември годинава оди во надлежност на Управата за јавни приходи, а веќе кај нотарите се оставинските предмети тка што се очекува со овие крупни реформи во судовите да останат само спорните судски случаи и истите да се решаваат во определените рокови, рече Маневски изразувајќи уверување дека на тој начин судовите ќе се растеретат за околу 800 илјади предмети. - Најголемите забелешки на судскиот систем, а особено на судските постапки во целина, на парничната, кривичната и извршната постапка, беа нивната бавност и неефикасност и често повредата на основното право на судење во разумен рок. Тоа беше една општа слика и лош белег на државата, судски постапки да траат со години, а некои со децении, без судска одлука. Токму поради тоа решително тргнавме со вградување нови решенија во процесните закони, решенија кои ќе значат крај на елементарна повреда на правото на судење во разумен рок, рече Маневски. На дводневната Средба на правниците во Охрид учествуваат над 250 правници, правни застапници на фирми, приватни трговски друштва, на јавни институции, нотари, судии, извршители и останати субјекти од областа на правосудството. Судските постапки, управната постапка и извршувањето, што се тема на расправа на состанокот што се одржува во организација на Здружението на правници на Република Македонија, се сметаат за најзначајни прашања во процедурите за остварување и заштита на правата и интересите и на основните човекови права.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk