Маневски: Македонија има капацитет за спроведување фер и демократски избори  
     
 

23.05.2011

 
 

(МИА) - Република Македонија има капацитет за спроведување фер и демократски  избори, потребна  легислатива, институции, искуства, кадри, силна  волја и граѓанска надградба. Никој не може и не смее да оди против волјата и правото на  граѓаните да излезат на изборите и слободно да гласаат, изјави министерот за правда Михајло Маневски на денешната тркалезна маса на тема „Кривични дела против изборите и гласањето“.

Политичките сигнали за полноправно членство во ЕУ, додаде Маневски, јасно ставија до знаење дека императивно, мора засекогаш да останат зад нас нерегуларностите и инцидентите при спроведување на изборите. Најголемиот дел на правната рамка е усогласена со високи стандарди и, според министерот, придонесува за подобрување на изборната атмосфера. Но, вели тој, нејзиното успешно спроведување е условено од избирачите, политичките партии и државните институции.

- Сите тие како учесници во изборниот процес преку   почитувањето на Уставот и законите се должни  да го  поттикнуваат  владеењето на правото и почитување на изборните правила, потсети Маневски.

Кривичниот законик предвидува девет кривични дела против изборите и гласањето како што се спречување на избори и гласање, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на изјаснување на избирачите, злоупотреба на избирачкото право,  поткуп при избори и гласање, повреда на тајноста на гласањето, уништување на изборни исправи, изборна измама, злоупотреба на средства за финансирање на изборната кампања. - За сите овие кривични дела се предвидени казни од најмалку 5 години или најмалку три години затвор, рече Маневски.

Во измените на Кривичниот законик од 2009 и април 2011 година предвидени се нови дела и нови мерки. - Членот 96-б од Кривичниот законик се дополнува со предвидување на уште една споредна казна - забрана за користење на средства за финансирање на политичка партија од Буџетот на Република Македонија, која може да му се изрече на правно лице кое ја злоупотребило својата дејност и постои опасност во иднина да го повтори делото. Предвидено е ново кривично дело „Злоупотреба на средствата за финансирање на изборна кампања“ во членот 165-а. Со измената на ставот 2 на ова дело од април 2011 година, значително се проширени елементите на одговорност токму во врска со  средствата за финансирање на изборната кампања, истакна Маневски.

Се предвидува казна затвор од најмалку 5 години за одговорното лице во правното лице  кое нема да пријави донации или други средства за финансирање на изборната кампања, ќе го спречи надзорот над финансирањето, нема да поднесе финансиски извештај или ќе даде лажни и непотполни податоци и ќе исплати средства спротивно на намената за финансирање на изборната кампања или на друг начин ќе го злоупотреби своето овластување. - Со членот 165–б, предвидено е  задолжително изрекување на казна „Забрана за вршење на професија, дејност или должност“ од 1 до 10 години на сторител на кривично дело против изборите и гласањето, согласно условите предвидени во членот 38-б од Кривичниот законик, посочи министерот за правда.

Измените во Кривичниот законик се во согласнсот со измените и дополнувањата на  Изборниот законик, каде се внесени последните препораки од финалниот извештај на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за спроведените избори во 2008 и 2009 година, како и мислењето на Венецијанската комисија. Посебен акцент во него е ставен на финансирањето на изборната кампања.

Меѓу позначајните измени се, како што посочи Маневски, воведувањето обврска за доставување периодични финансиски извештаи од страна на организаторот на изборната кампања и тоа единаесетиот ден од денот на започнување на изборната кампања и еден ден по завршување на изборната кампања. Тие се должни извештаите да ги достават до ДИК, ДКСК и ДЗР. Првпат се воведува обврска Државниот завод за ревизија да поведе прекршочна постапка или во рок од 30 дена да се поднесе кривична пријава до надлежниот јавен обвинител доколку се утврдат неправилности во извештаите.

Наталија Дрозд, заменик шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје истакна дека спроведување фер и демократски избори во согласност со европските стандарди е заложба на ОБСЕ и претставува клучен сегмент или одредница за земјата од аспкет на интеграцијата во ЕУ.

Од поднесените кривични пријави и поднесени обвиненија во судовите по изборите во 2008 година, правосилно се завршени постапки против 75 лица. На дел од тие лица им се изречени казни затвор од три и повеќе години. Изречени се и парични казни против 17 правни и физички лица за сторени прекршоци, а седум предмети се во фаза на пресудување.

Тодор Витларов, член на Советот на јавните обвинители на Република Македонија посочувајќи на високите казни за изборни прекршување рече дека целта на тркалезната маса е превентивно генерално да се влијае пред претстојните предвремени избори на 5 јуни.

Укажа на слабо обезбедување докази во прилог на поднесените обвиненија или основани сомненија за изборни прекршувања. Граѓаните - сведоци на изборни прекршоци, рече Витларов, се плашат да сведочат, велат дека не се сеќаваат, дека не виделе ништо...

 Говор на министерот Маневски

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk