Конференција „Управно право и реформи во општата управна постапка и прекршоци“  
     
 

27.05.2011

 
 

 (МИА) -  Реформата на јавната администрација во Македонија се одвива според најдобрите европски пракси, но таа зависи пред се од човечкиот фактор и промената на свеста за работа во интерес на граѓаните, порачаа учесниците на конференцијата  „Управно право и реформи во општата управна постапка и прекршоци“, што се одржува денеска во Скопје.

 - За успешно спроведување  на реформата на јавната администрација потребен е ангажман од секој поединец во системот и не е доволно само да се носат квалитетни закони затоа што тие  како предуслов за  реформата ги спроведуваат  сите вработени во ланецот на администрација, оцени министерот за информатичко општество и јавна администрација Иво Ивановски на отворањето на конференцијата.

Како дел од реформите во управната област, посочи, донесени се низа закони и законски измени и се спроведуваат проекти.

Со усвоените измени и дополнувања на  Законот за општа управна постапка ќе се постигне зголемена ефикасност и ефективност  во остварување на надлежностите на министерствата и другите државни органи, а значајни се и  измените и дополнувањата на законот за управна инспекција, наведе Ивановски.

Тој ги претстави придобивките за граѓаните од воведувањето едношалтерски систем, а  потсети и на проектите граѓански дневник, семафор, нема погрешна врата..., исто така дел од активностите за реформи.  

Според министерот за правда Михајло Маневски, реформите на администрацијата, односно управната област, во иднина мора да се одвиваат многу побргу и многу подобро. 

- Без ефикасна управна постапка  и добро организирана, реформирана,  оспособена, опремена, наградена  и   обучена   јавна и државна администрација, не можат да се остваруваат  поефикасни резултати,  оцени Маневски.

Ќе се сменат законите, ќе се усогласат и со највисоките стандарди, но, укажа Маневски, тоа што е најбитно, е промена на свеста дека ова е ново време во кое владеат други вредности и квалитети  и оти одамна се поминати бирократските времиња,  бавност  на постапката, и недоволна одговорност за примена на законите. 

Министерот за правда укажа дека мора добро да се дефинираат јасни мерила и критериуми за успешноста или неуспешноста во  вршењето на  управните работи, како и стандарди на однесување и оценка на работата на секој државен службеник  и одговорност за непочитување на процесните одредби во примена на законите.

Во последните 4,5 години, потсети Маневски,  донесени се над 140 закони од областа на правосудството,  управата и политичкиот систем, како и повеќе од 80 подзаконски акти.

Министерот Маневски најави дека на 30 јуни годинава почнува со работа Вишиот управен суд, кој ќе  одлучува по жалбите против одлуките на Управниот суд.

- Решенијата во новиот Закон за кривичната постапка, нужно наложуваат  измени и усогласување и во  Законот за прекршоците, како што е  предвидено во Акцискиот план за примена на Законот за кривичната постапка, рече министерот.

Конференцијата „Управно право и реформи во општата управна постапка и прекршоци“ се организира  во рамки на проектот за правна и правосудна  имплементација и  институционална поддршка. Целта е да се подобри управувањето со јавниот сектор.

Говор на министерот Михајло Маневски

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk