Стручна средба на тема: ”Имплементација на Законот за парничната постапка”  
     
 

27.05.2011

 
 

Денеска, министерот за правда се обрати на Стручната средба за судии од граѓанските одделенија од апелационите и основните судови на Република Македонија на тема: ”Имплементација на Законот за парничната постапка”, која во организација на Академијата за судии и јавни обвинители и со поддршка од УСАИД, денеска и утре се одржува во Битола.

- Изодивме долг пат до самото донесување на измените и дополнувањата на Законот за парничната постапка – истакна министерот Маневски во своето обраќање. До донесувањето на овој Закон одржани се повеќе стручни средби и советувања за 300 судии, адвокати и стручни соработници и нема судија до кој не допреле одредбите на овој Закон, рече тој. Во целиот процес, значајна е поддршката од Академијата за судии и јавни обвинители и од УСАИД.

Како што оцени министерот за правда, новите решенија во измените и дополнувањата на Законот за парничната постапка наишле на позитивен одѕив од страна на судиите.

- Беа поставени добри основи со донесувањето на Законот за парничната постапка од 2010 година. Остануваат уште точно 100 дена до примената на овој Закон потсети министерот Маневски, истакнувајќи дека судовите се целосно подготвени за успешна имплементација на Законот за парничната постапка.

Успеавме да вградиме одредби за ефикасна постапка, подобар пристап до правдата за граѓаните и градиме целосно нов систем на нови односи кои бараат нови напори од страна на судовите во правец на поголема ефикасност на парничната постапка, што е во интерес на секој граѓанин, рече тој.

            Како што информираше министерот, Министерството за правда во своето работење во овие крупни чекори се раководеше според следното:

- Растеретување на судовите согласно препораките од Европската комисија и Советот на Европа, со тоа што судовите ќе постапуваат само по спорните предмети. Така, приливот на нови предмети во сите судови континуирано се намалува, истакна министерот Маневски.

- Ефикасност во парничната постапка со почитување на законските рокови за преземање на процесните дејствија. Воведената информатичка технологија, целосно функционалниот АКМИС систем и обезбедената опрема за тонското снимање во 80 судници, како и воведувањето на електронската достава на писмена во голем дел го помагаат работењето на судовите и ја унапредуваат ефикасноста во постапката.

Судовите имаат капацитети за примена на новите решенија во Законот за парничната постапка, оцени министерот за правда. Донесена е нова легислатива со вградени современи стандарди која вклучува и едукација на судиите, подобрени се просторните капацитети и обезбедена е техничка, информатичка и друг вид на опрема за судовите. Што се однесува на зајакнувањето на кадровските капацитети во судовите, министерот за правда истакна дека постои добар квалитетен млад кадар, а отпочната е реализацијата на Проектот на Владата на Република Македонија - Стручен соработник за секој судија – со вработување на 140 судски службеници.

Министерот за правда изрази уверување дека Министерството за правда и понатаму ќе води сметка за просторните и кадровските потреби на судовите и упати благодарност до УСАИД за целосната поддршка во примената на Законот за парничната постапка.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk