Стручна расправа на тема: ”Тековните измени во казненото законодавство на Република Македонија”  
     
 

30.05.2011

 
 

                

Денеска, во организација на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија, во соработка со Врховниот суд на Република Македонија и Министерството за правда се одржа Стручна расправа на тема:”Тековните измени во казненото законодавство на Република Македонија”.

Предмет на расправата беше утврдувањето на досегашната работа на работните групи врз Кривичниот закони и Законот за кривичната постапка и понатамошниот пат на развој на кривичното законодавство на Република Македонија.

На оваа стручна расправа се обратија претседателот на Врховниот суд на Република Македонија Јово Вангеловски, министерот за правда Михајло Маневски, академик Владо Камбовски, вишиот јавен обвинител Тодор Витларов и основниот јавен обвинител Марко Зврлевски, а беше и отворена дискусија во која учествуваа и претседателите на апелационите судови, судии и јавни обвинители. Во дискусијата посебен акцент беше ставен на одредбите за казнена одговорност на правните лица и новите инкриминации за поткуп.

Измените на Кривичниот законик, говорат за карактерот на материјата кој ја уредува, за потребата од постојано изнаоѓање на ефикасни инструменти за сузбивање на криминалитетот и корупцијата, како и усогласување на одредбите од истиот со општо прифатените меѓународни стандарди во оваа област.

Како што подвлече министерот за правда во своето обраќање, ако суштински се погледне во новите решенија во Кривичниот законик и Законот за кривичната постапка, може да се увиди дека во нив се вградени препораките од првиот и од вториот круг на евалуација на ГРЕКО. - Денес Република Македонија има Кривичен законик со функционална зрелост, во чекор со најновите решенија и од меѓународен аспект, оцени тој.

Изминатите 3 години, Министерството за правда своите активности ги насочи кон реформата на казнено-правниот систем. За таа цел, Владата на Република Македонија во јули 2007  година ја донесе Стратегијата за реформа на казненото право. Во овој документ, Министерството за правда ги дефинираше мерките за реформа на казнено – правниот систем, со јасно наведени конкретни активности структурирани во прецизни временски рокови. - Стратегијата е целосно спроведена и за таа цел донесени се измените и дополнувањата на Кривичниот законик, новиот Закон за кривичната постапка и Законот за меѓународна соработка во кривична материја, информираше министерот Маневски.

Со актуелните нови решенија во Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик од 2009 година, суштински се интервенираше во материјалното кривично законодавство и се изврши усогласување со бројни меѓународни инструменти. Така, со измените се интервенираше во одредбите за: конфискација на имот и имотна корист, со што се воведе конфискација на посредна имотна корист и проширена конфискација, казнена одговорност на правни лица, воведени се споредни казни за правни лица, водење на казнена евиденција во надлежност на Централниот регистар на Република Македонија, се менуваат одредбите за клевета и навреда на начин што се прецизираат тешките последици за оштетениот, се интервенира и во повеќе кривични дела со што се зајакнува борбата против корупција и се врши усогласување со стандардите во оваа област. Измените од 2009 година воведуваат и нови кривични дела, меѓу кои и новото кривично дело против половата слобода и половиот морал Намамување на обљуба или друго полово дејствие на лице под 14 години, потсети министерот Маневски.

Согласно препораките од Извештајот за евалуација на Република Македонија  - Трет круг, усвоен од ГРЕКО, се изврши измена и дополнување во следните кривичните дела, а се воведоа и нови инкриминации: Неовластено примање на подароци, Неовластено давање подароци (нова инкриминација), Примање поткуп, Давање поткуп, Давање награда за противзаконито влијание (нова инкриминација) Примање награда за противзаконито влијание, Злоупотреба на средствата за финансирање на изборна кампања, а дополнет е и каталогот на споредни казни за правните лица со уште една казна: Забрана за користење на средства за финансирање на политички партии од Буџетот на Република Македонија.

Понатаму, министерот за правда извести и за подготвениот предлог од страна на работната група, кој Министерството за правда го достави до Владата на Република Македонија, а со цел надминување на состојбите предизвикани од злоупотребата на безвизниот режим. Еден од аспектите за справување со овие злоупотреби е и креирање на кривично правни механизми кои ќе ги одвратат граѓаните да го злоупотребуваат безвизниот режим со државите членки на Европската Унија, рече министерот.

На стручната средба пред присутните беа презентирани Коментар на Кривичниот законик на Република Македонија на академик Владо Камбовски и изданието на Министерството за правдаРатификувани европски конвенции за меѓународна соработка во кривичната област”, проект финансиран од Европската унија преку КАРДС програмата, a спроведен од Советот на Европа. Овие капитални дела ќе ги пресретнат потребите особено на судиите, јавните обвинители и адвокатите во толкувањето и примената на новите решенија во Кривичниот законик во постапувањето по предметите од кривичната материја.

Во своето обраќање министерот за правда истакна дека Министерството за правда останува целосно отворено да даде поддршка за унапредување на креативната правна мисла во кривичната област.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk