Министерот Маневски додели решенија за положен испит на судски преведувачи  
     
 

31.05.2011

 
 

 (МИА) - Министерот за правда Михајло Маневски денеска им врачи решенија на 151 судски преведувач  распоредени во 2 6 основни суда низ Република Македонија.

- Во оваа седма сесија за проверка на знаењето на странски јазик на кандидатите за постојани судски преведувачи што Министерството за правда ја спроведе овој месец за 14 странски јазици (албански, англиски, бугарски, германски, италијански, романски, руски, словенечки, српски, турски, украински, француски, хрватски и шпански) 151 кандидати успешно ја завршија проверката на знаењето на странски јазици од кои шест кандидати положија за два јазика, истакна Маневски.

- Судските преведувачи се распоредени во 26 основни суда во Македонија. Тоа е вистинско драгоцено богатство на претежно млади кандидати кои со успех ги положија испитите за еден или за повеќе странски јазици, рече Маневски.

На овој начин Република Македонија, како што додаде, ја подобрува состојбата на исполнување на критериумите на Европската унија во спроведувањето на повеќејазичноста и јавната употреба на јазиците како утврдена политика на Унијата. Проверката на знаењето на странски јазици, е спроведена од професорите од македонските високообразовни институции, судски преведувачи и други институции кои, според Маневски, искажале голема поддршка за овој процес.

Министерот за правда нагласи дека важноста на правото на судски преведувач по барање на судот, државен орган, друга институција или граѓани ја наметна потребата од измени во Законот за судовите и судскиот Деловник со кои се утврдија нови критериуми за поставување на судски преведувачи.

Во пракса, како што рече, слабиот квалитет на многу судски преведувачи особено во постапките пред судовите укажа на потребата за обезбедување адекватен превод од соодветно обучени и искусни преведувачи.

Маневски потсети дека почнувајќи од првата сесија за проверка на знаењето на странски јазик на кандидатите за судски преведувачи што Министерството за правда ја спроведе во септември 2008 година  каде што 90 кандидати успешно ја завршија проверката на знаењето на 15 странски јазици, па до денес испитот го имаат положено 682 судски преведувачи за 20 странски јазици.


Обраќање на министерот Маневски

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk