Презентирана опрема за тонско снимање на судските рочишта  
     
 

09.06.2011

 
 

(МИА) - Во Основниот суд Скопје 2 денеска беше презентирана инсталираната опрема за тонско снимање на судските рочишта, со што ќе се обезбеди побрза и поефикасна парнична постапка преку тонски запис на дејствијата на сите учесници во постапката.

- Судовите во Македонија се подготвени и едукативно и технички за примена на новите одредби од Законот за парнична постапка, кој ќе почне да се имплементира од 9 септември годинава, изјави министерот за правда Михајло Маневски по презентацијата на опремата.

Со обуката, како што информира министерот, беа опфатени околу 450 лица, односно беа едуцирани сите судии кои работат на граѓанската материја, судските советници и адвокатите.

- Опремени се 80 граѓански судници со околу 400 микрофони, во кои ќе се одвива судењето, а главните рочишта ќе бидат тонски снимани, рече Маневски и додаде дека од  УСАИД се набавени и 450 слушалки и 63.000 цедиња.

Со примената  на новиот Закон за парничната постапка, како што посочи министерот, ќе заминат во историјата долгите парнични постапки, а ќе се обезбеди  ефикасна, квалитетна и побрза парнична постапка, како и побрз пристап на граѓаните до правдата.

Министерот за правда рече дека се работи интензивно и на примена на одредбите од новиот Закон за кривичната постапка. - До примената на новиот Закон, односно до ноември 2011 година ќе бидат опремени со уреди за тонско снимање на расправите сите кривични судници, а ќе бидат обучени и сите кривични судии, додаде Маневски.

- За првпат воведуваме електронска достава на поканите, електронска достава на документите од судските процеси, односно електронски прием на тужбите од граѓаните. Со законските новини граѓаните за да поднесат тужба не ќе мора да доаѓаат до судот, туку тоа може да го направи електронски, а пресудата, пак, до граѓанинот може да биде доставена по електронска пошта, истакна Маневски.

Тој додаде дека во Централниот регистар се отворени околу 60.000 електронски сандачиња за прием на електронска пошта, што  е законска обврска за сите државни органи, за сите адвокати, нотари, медијатори, извршители...

- Досега доставата беше камен на сопнување  и беше главната причина за одолговлекување на постапката, но сега со електронската достава ќе се надминат тие тешкотии, истакна Маневски.

Проектот за опремување на судниците со техничката опрема чини околу над 320 илјади долари, средства обезбедени од  Проектот за имплементација на судски реформи на УСАИД.

На презентацијата присуствуваа директорката на Академијата за обука на судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска, претставници од Судскиот совет, од апелациските и основните судови во државава.

На новинарско прашање дали ќе биде министер за правда и во новиот владин состав, Маневски рече дека тоа не е негова работа.- Дали ќе бидам или не во новата влада тоа не е моја работа, тоа е прашање за друг, додаде тој.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk