Доделени првите 95 лиценци за судски вештаци  
     
 

15.06.2011

 
 

(МИА) - Деведесет и пет универзитетски професори, доктори на науки и експерти од различни области и дејности денеска добија лиценци за судски вештаци.

Министерот за правда Михајло Маневски, кој им ги додели лиценците на вештаците, смета дека тие се еден од инструментите за обезбедување побрз пристап на граѓаните до правдата и обезбедување на ефиксно извршување на функцијата на правосудните органи.

- Вештачењeто е исклучително значајно процесно дејствие. Науката и научните достигнувања од најразлични области се ставени во служба на утврдување на фактите и вистината во сите постапки. Без користењто на различни видови научни достигнувања и методи тешко е и да се претпостави на какви искушенија би биле изложени полицијата, судиите, обвинителите и органите на управата во утврдувањето на фактите и објективната вистина за настаните во сите видови на постапки,  рече Маневски.

Професорите, докторите на науки и експертите кои денеска ги добија лиценците во иднина ќе ги одржуваат испитите за сите лица кои сакаат да се занимаваат со вештачење.

- Од денеска почнуваат постапките за отпочнување со работа на комисиите од ралични области и дејности каде заинтересираните лица кои ќе ги исполнуваат условите ќе можат да се пријават и да полагаат испит за вештак. Откако ќе го положат испитот со успех, ќе можат да ја извршуваат дејност согласно највисоките научни достигнувања во раличните области, рече Маневски.

Заради брзиот развој на науката и технологијата, појасни тој, предвидено е лиценцата да трае пет години и да се обновува со повторно полагање испит.

Министерот смета дека со вакви законски решенија ќе се намалат приговорите за извршување на вештачењето, за одолговлекување на судските постапки заради ненавремено извршени вештачења бидејќи се предвидени санкции за ненавремени извршување или доставување до судот.

Ваквиот тип на лиценцирање на вештите лица, според професорот Алексеј Дума од Институтот за судска медицина е добра идеја но, како што вели, потребно е подобрување на законот за вештачење со цел идејата да се реализира во пракса.

Како дел од забелешките Дума, меѓу другите, ги посочи тоа што не е утврдено дека усовршувањето треба да се прави надвор од земјава, немањето опис за тоа што значи вештачењето, но и  обврска на барателот да ја плати услугата за вештачење и рокот кога тоа треба да се направи.

Запрашан дали правосудни органи на Институтот се уште му должат средства за извршени услуги Дума посочи дека тие не биле подмирени ниту за 2010 ниту за 2011 година и  оти изнесуваат 1 милион евра.

- Само благодарение на МОН и Владата, пред се премиерот, добиваме современа опрема која ги задоволува најсовремените стандарди за форенизчна работа. Но, за жал нема да може да се одржува континуитет бидејќи нема средства за набавка на хемикалии, техничка опрема за заштита..., рече Дума, но додаде дека нема да се доведе во прашање навременото извршување на вештачењето поради неговото големо влијание на човечките судбини.

Докторот Виктор Камиловски, кој доби лиценца за вештак од областа на медицината смета дека на ваков начин вештите лица ќе бидат и поодговорни и поквалитетни во давањето вешти наоди и мислења.

Говор на Министерот Михајло Маневски

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk