Почнаа обуките за новиот Закон за кривична постапка  
     
 

30.06.2011

 
 

(МИА) - Академијата за судии и јавни обвинители денеска ја организираше првата од вкупно 34-те обуки за спроведување на новиот Закон за кривична постапка, кој ќе почне да се имплементира во ноември 2012 година.

Со обуката почна да се реализира Програмата за имплементација на Акцискиот план за спроведување на Законот. Првата базична обука, која ќе се спроведува од денеска до 3 јули финансиски е поддржана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, а проектот го помогна и Американската амбасада.

До крајот на оваа година треба да се спроведат 16 обуки со помош на четири тимови обучувачи, а останатите ќе се реализираат следната година. Сите обуки ќе ги поминат вкупно 400 учесници, пред се судии, јавни обвинители, адвокати, полициски и царински службеници, како и финансиската полиција.

Новиот Закон за кривична постапка воведува нов концепт на кривичната постапка, односно воспоставување нов систем на односи меѓу сите учесници во постапката. Прво тоа е водечката улога на јавниот обвинител во истражната постапка, системот на односи меѓу обвинителот и правосудната полиција, нова улога на судот во текот на истрагата и судењето на главната расправа.

На обуката се обрати министерот за правда Михајло Маневски кој рече дека долго време се работело на спроведување на стратегијата за реформа на казненото законодавство, а Законот за кривична постапка се подготвувал повеќе од 2 години од страна на домашни и странски експерти.

- Се наоѓаме во фаза на спроведување на Акциониот план за примена на одредбите од Законот за кривична постапка кој ќе се применува по две години од неговото донесување. Мислам дека во земјава нема судија, јавен обвинител, полициски службеник, адвокат или личност која се занимава со оваа проблематика, а да не е запознаена со решенијата на овој Закон кој е носен во најтранспарентна постапка, со многу советувања и семинари, рече Маневски.

Министерот порача во имплементацијата на одредбите од Законот повеќе внимание да се посвети на практичните искуства и реализација, отколку на теоретските прашања.

Директор на Академијата за судии и јавни Анета Арнаудовска потенцираше дека целиот систем на кривична постапка е изменет со цел да се зголеми ефикасноста, но истовремено се внимавало и на зајакнување на правата и слободите и зајакнување на еднаквоста на оружјето.

-Воведени се новини во поглед на зајакнување на улогата на одбраната и на бранителот кои веќе во истрага може да спроведуваат сопствени извиди и докази во корист на својот обвинет. Фактички целиот систем на постапка ќе биде да во текот на истрагата се напушта улогата на истражниот судија и се воведува судија на предходна постапка кој ќе се грижи за заштитата на човековите права и ќе врши контрола на работата на обвинителот и правосудната полиција, додаде Аранудовска, истакнувајќи дека во текот на главната расправа судот нема да изведува докази, туку тоа ќе биде чист спор меѓу странките.

Според шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Ралф Брет новиот Закон не треба да се спроведува механички, туку како што рече, на креативен начин и не треба да се манипулира со него.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk