Почнa да работи Вишиот управен суд  
     
 

30.06.2011

 
 

(МИА) - Министерот за правда Михајло Маневски денеска го означи почетокот на функционирањето на Вишиот управен суд.

- Согласно Законот за управни спорови, Вишиот управен суд одлучува по жалби против одлуките на Управниот суд донесени во прв степен. Обезбедуваме двостепеноста на постапката. На тој начин ја исполнуваме и уставната гаранција за право на жалба за секоја одлука на суд. Основањето на овој суд е и дел од препораките на ЕК, изјави министерот за правда Маневски.

Се предвидува овој суд да има 15 судии и претседател на Судот. Судскиот совет на Република Македонија на седницата одржана минатиот месец ја избра Розалија Кочковска за прв претседател на новоформираниот Виш управен суд.

- Од тие места се пополнети 13, а тројца судии ќе бидат избрани дополнително, кон средината на овој месец, најави министерот за правда. Судијата Кочковска доаѓа на новата функција од местото претседател на Управниот суд на Република Македонија.

Маневски посочува дека со ова се напушта застарениот концепт за одлучување по жалба од второстепени владини комисии. 

Судот нема да наследи случаи, туку од 1 јули ќе почне да одлучува по жалбите што ќе бидат поднесувани.

- Сега Врховниот управен суд предметите што си ги има ќе си ги реши, а Вишиот управен суд ќе почен од број еден. Нема да решава стари предмети. Тоа не се покажа како добро, изјави министерот Маневски.  

Вишиот Управен суд е 11-та нова институција која е основана согласно реформите во правосудниот систем.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk