Согласно законските измени од денеска судовите се растеретуваат од над 600 илјади неспорни предмети  
     
 

01.07.2011

 
 

(МИА) - Од денеска над 600 илјади судски извршни и предмети поврзани со платни налози ќе се префрлат до извршителите или нотарите со што ќе се растеретат судовите и ќе имаат можност за поефикасно решавање на спорните граѓански, кривични, стопански, стечајни и други видови спорни предмети.

Ова, како што рече на денешната прес-конференција министерот за правда Михајло Маневски е овозможено со примената на измените на Законот за парнична постапка и Законот за извршување чија примена почнува денеска.

- По сите овие основи судовите се растоваруваат од околу 600.000 оставински и извршни предмети, предмети за извршување на парични казни за кривични дела и прекршоци и издавање на платни налози. Со тоа судовите ќе имаат многу поголема можност за поефикасно решавање на спорните граѓански, кривични, стопански, стечајни и други видови спорни предмети. Тоа е целта на реформите и денеска на општо задоволство може да констатираме дека таа цел се постигнува, рече министерот Маневски.

Според него, по трансферот на околу 600.000 предмети денеска во судовите во Македонија ќе има 148.329 спорни предмети за разлика од 938.970 предмети на 1 јули 2006 година што значи дека тоа е намалување за 790.000 предмети или скоро шест пати.

Согласно законските измени, судовите од денеска не се надлежни да постапуваат по извршните предмети, туку тие по налог на доверителот тие ќе ги доставуваат до извршител или нотар зависно од тоа во која фаза е постапката. Доставувањето треба да заврши до 31 декември годинава, а доколку во овој период од шест месеци доверителот не побарал од судот да го достави предметот до извршител или нотар ќе се смета дека го повлекол предлогот за извршување. На овој начин од судовите кај нотарите или извршителите ќе бидат трансферирани околу 402.000 предмети.

Судовите повеќе нема да бидат надлежни ниту за издавање платни налози кои најчесто се издаваат по барање на доверители за неплатени сметки за струја, вода, топлинска енергија, други комунални услуги или парични побарувања. Овие налози, појасни Маневски, од денеска ќе ги издаваат нотарите. Доколку должникот поднесе приговор на издадениот налог постапката ќе продолжи пред надлежниот суд. Со ова решение на годишно ниво судовите се растеретуваат за околу 200.000 предмети.

Согласно измените на Законот за даночна постапка од ноември минатата година извршувњето на паричните казни за кривични дела и прекршоци е во надлежност на УЈП каде се трансферирани 42.710 предмети, а согласно законот за вонпарнична постапка оставинската постапка ја спроведуваат нотарите со што судот е ослободен од околку 25.000 предмети.

- Ова е крај на ерата на милионски предмети во судовите и повеќегодишното траење на судските постапки. Судството темелно се реформира и застана на браникот на правата и слободите на граѓаните и владеењето на правото. Со судските реформи се става крај на долготрајноста на постапките и неразумното време на решавање на предметите во судовите. Се става крај на неразумните решенија кои предвидуваа се и сешто да се решава преку судовите што доведе до тоа безмалку скоро секој граѓанин по некој основ да биде заведен во некој судски деловоден протокол, рече министерот Маневски.

Тој додаде дека во сите судови во Македонија денеска има вкупен обем на спорни предмети во работа од 445.873 од кои решени се 297.864 или 66,8 проценти, а нерешени останале 148.329.

Намалувањето на вкупниот обем на работа на судовите и намалувањето на нерешените предмети, според Маневски се должи на неколку темелни закони од областа на правосудството, на создавање кадровски, просторни, материјални, технички и други услови за поефикасно вршење на судската функција. Во 2010 судовите решенија рекордни 967.000 предмети што е за 52 проценти повеќе во однос на претходните години.

На прес-конференцијата министерот посочи дека по трансферот на неспорните предмети помалите основни судови со основни надлежности остануваат со мал обем на работа, но додава оти и покрај тоа неговиот став е оти тие треба да продолжат да работат, бидејќи, како што вели, со нивното укинување може да се нанесе повеќе штета отколку корист.

Во најголемиот граѓански суд Скопје 2 од Скопје кој имал над 340 илјади нерешени предмети, по трансферот остануваат околу 21 илјада предмети, а најголемиот кривичен суд Скопје со оклу 39 илјади предмети. На ваков начин, рече Маневски, се создадени можности секој основен суд да има можност да работи ажурно и професионално.

Презентација - Примена на новите закони и достигнувања во судските реформи

Говор на Министерот Михајло Маневски

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk