Почна обуката на 47 кандидати за медијатори  
     
 

04.07.2011

 
 

 (МИА) - Во организација на Министерството за правда денеска во Скопје почна петдневната обука за медијатори, која ја посетуваат 47 кандидати. Со овие 47 кандидати во Македонија ќе има околу 178 медијатори, кои ќе бидат распоредени по сите судови.

Медијацијата, како што посочи на денешното отворање на обуката министерот за правда Михајло Маневски, е вонсудска постапка на алтернативно решавање на споровите со помош на трето, неутрално лице - медијатор.

- Медијацијата претставува флексибилна постапка која се темели на  принципот на добороволност на страните во спорот за поведување постапка, неутралност и непристрасност, доверливост, транспарентност во однос на пристапот до информации кои се однесуваат на постапката на медијација, додаде Маневски.

Медијацијата е економична, ефикасна, брза и е правична постапка, бидејќи се фокусира на изнаоѓање решение  кое е прифатливо за двете страни. Донесеното решение е трајно, а односите меѓу страните не се нарушуваат.

- Медијацијата е поефикасно средство за решавање на споровите, отколку тие да се водат во долги и скапи судски постапки, истакна министерот за правда, додавајќи дека само добро обучени медијатори ќе можат успешно да се вклучат во решавање на споровите по пат на медијација.

Во медијацијата акцентот ќе биде ставен во граѓанските, трговските, работните, потрошувачките и другите спорни односи  меѓу физички и правни лица во  согласност со закон.

Маневски рече дека во текот на подготовката на примената на Законот за медијацијата подготвени се и три прирачници за препознавање на случаите за медијацијата.

- Преку добро едуцирани медијатори сакаме да ја смениме сликата за состојбата со медијацијата во Македонија и во решавањето на споровите таа да има исклучително значење, додаде министерот за правда.

Тој посочи дека во Основниот суд Скопје 2, во мај и јуни годинава, на медијација се упатени 22 предмети од трговскиот оддел на судот, кои се однесуваат на стопански спорови. Од нив, шест се решени по пат на медијација, со вкупни средства од околу 4.100.000 денари од вредноста на споровите.

- Потребно е медијацијата постојано да биде во фокусот на судовите, а медијаторите  треба да направат обид да ги доближат ставовите на странките во споровите, нагласи министерот за правда.

Обуката за медијација ќе ја спроведуваат професорот д-р Љупчо Сотироски од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип,  Зоран Вучев д-р на социјална политика и социјална работа, м-р Гордана Атанасова од Центарот за социјални работи и дипл. психолог и член на Управниот одбор на Комората на медијатори на Република Македонија Дивна Јанкова.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk