И З В Е С Т У В А Њ Е  
     
 

04.07.2011

 
 

Министерството за правда ги известува граѓаните на Република Македонија дека согласно Законот за извршување, од 01 јули 2011 година започна преносот на старите извршни предмети кај нотарите и извршителите.

Доверителите што започнале постапка за извршување пред судовите до 26 мај 2006 година, доколку сакаат да ја продолжат постапката за извршување, можат во рок од шест месеци заклучно со 31.12.2011 година, да пристапат пред судот и да се произнесат за продолжување на започнатите постапки за извршување.

Доколку доверителите не пристапат пред судот заклучно со 31.12.2011 година, предлозите за извршување ќе се сметаат за повлечени, а по извршните предмети кои имаат правосилни и извршни решенија, постапките за извршување ќе се сметаат за запрени.

Предметите се пренесуваат на извршителите и нотарите во стадиумот во кој се наоѓаат пред судовите.

Должниците на кои не им се уредно доставени решенијата за извршување со што не им било овозможено да се произнесат пред судовите во однос на решенијата со поднесување на приговори против решенијата за извршување, каматата на главен долг се пресметува од денот кога решенијата за извршување ќе станат правосилни. 

Со трансферот на извршните предмети кои ќе се пренесат на извршителите и нотарите, судовите ќе се растоварат за околу 400.000 предмети.

            Министерството за правда известува дека од 01 јули 2011 година започнува примената на одредбите од Законот за парничната постапка, според кој судовите немаат основ да примаат предлози за издавање на платни налози врз основа на веродостојни исправи, односно нотарите ќе донесуваат решенија со кои се дозволува извршување врз основа на веродостојни исправи што се однесуваат на неплатени побарувања по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, вода и други комунални услуги.

Судовите ќе постапуваат исклучиво по изјавен приговор против решението донесено од нотарот со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа.

На овој начин се очекува судовите во Република Македонија да се растоварат за 200.000 дополнителни предмети на годишно ниво по основ на платни налози за сметки од комунални услуги за граѓаните.

 

Со примена на новите одредби на Законот за парничната постапка, Законот за извршување, Законот за вонпарнична постапка и Законот за даночна постапка, во судовите ќе се решаваат само спорните граѓански, кривични, стопански, стечајни, работни и други видови предмети.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk