Примена на Амандманот ХХХII од Уставот на Република Македонија  
     
 

05.07.2011

 
 

Работни средби за изготвување на билатерални договори за екстрадиција со Република Србија, Република Хрватска и Црна Гора

Министерството за правда информира дека во текот на оваа недела ќе се одржат неколку средби на експертско ниво, на кои интензивно  ќе се  работи на изготвување на  билатерални договори со Република Србија, Република Хрватска и Црна Гора.

Имено,  со донесувањето на  Амандман ХХХII од Уставот, со кој се менува членот 4 став 2 од Уставот на Република Македонија, кој  предвидува издавање на сопствени државјани, доколку постои меѓународен договор и судска одлука, се создаде правен основ за потпишување билатерални договори за екстрадиција на државјаните на државите потписнички за кривични дела од организираниот криминал и корупцијата.  

На  5 и 6 јули 2011  година делегации од Република Македонија и Република Србија во Скопје, со почеток во 10,00 часот во Клубот на пратениците , ќе ги  започнат преговорите за склучување на три билатерални договори, и тоа: Договор за екстрадиција, Договор за правна помош во граѓанските и кривичните предмети и Договор за меѓусебно извршување на судски одлуки - (прва фаза на преговори).

Во петок на 08.07.2011 година во 10,00 часот, ќе се парафира текстот на Договорот за екстрадиција меѓу Република Македонија и Република Хрватска.

Истиот ден, во попладневните часови, започнуваат преговори помеѓу експертски тимови на Република Македонија и Црна Гора, за склучување договори за екстрадиција меѓу двете држави.

Министерството за правда со склучувањето на билатералните договори за екстрадиција со Република Србија, Република Хрватска и Црна Гора, создава можности за примена на Амандманот ХХХII од Уставот на Република Македонија за успешно спречување на кривичните дела од организираниот криминал и корупцијата и оневозможување злоупотреба на двојното државјанство за одбегнување на казнено гонење.

 

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk