Работни групи на министерствата за правда на Македонија и Србија ги усогласуваат деталите за потпишување билатерален договор за екстрадиција  
     
 

05.07.2011

 
 

(МИА) - Работни групи на министерствата за правда на Македонија и Србија денеска и утре во Скопје ќе ги усогласуваат деталите за потпишување билатерален договор за екстрадиција на сопствени државјани, што ќе овозможи поефикасна борба против организираниот криминал, корупцијата и перењето пари. Можноста за потпишвање ваков договор за Македонија се отвори со измени на Уставот и уставниот Амандман 32, донесени во март годинава.

- Практично ова значи дека од денеска почнува имплементација на овој Амандман на Уставот на Република Македонија. Со склучувањето на договорите се стеснува обрачот на сторителите на овие кривични дела и тие за таквите дела ќе сносат соодветна кривична одговорност, со екстрадиција од една во друга држава зависно од тоа каде е сторено кривичното дело или каде се прикрил за да ја одбегне кривичната одговорност. Ние во практиката досега имавме одредени случаи да го избегнуваат казненото гонење со злоупотреба на двојното државјанство, што во иднина ќе се спречи, изјави министерот за правда Михајло Маневски, кој ги поздрави учесниците на денешната работна средба.

Тој најави дека неделава ќе биде потпишан договор за екстрадиција со Република Хрватска бидејќи експертските тимови веќе ги завршиле потребните подготовки, а во текот на неделава ќе почнат преговори и со работни групи од Црна Гора.

- Во текот на оваа недела практично ќе се работи на потпишување договори со три земји кои ќе овозможат практично имплементирање на амандманот 32 на Уставот на Република Македонија. Општа заложба е сторителите на кривични дела да не останат неказнети каде и да се наоѓаат. На ваков начин се надградува правниот систем за да може да функционира поефикасно, да се обезбеди меѓудржавна и меѓународна соработка и сето тоа во функција на имплементирањето на одредбите на конвенциите и обезбедувањето ефикасно гонење на сторителите на кривичните дела, рече Маневски. 

Тој не сакаше да коментира како ќе се одрази потпишувањето на договорот на одредени случаи, во кои се одбегнуваше одговорноста со користење на двојното државјанство, туку само истакна оти тој ќе важи за сите, како што рече, за сегашните, но и за идни потенцијални сторители на такви кривични дела кои ќе се обидат да одбегнат казнена одговорност наоѓајќи прибежиште во друга држава.

Началникот на Одделението за меѓународна правна помош при српското Министерство за правда Горан Токиќ појасни дека договорот со Македонија ќе овозможи предавање сопствени државјани, но само за кривични дела на организиран криминал, корупција и перење пари, модел, како што рече, што Србија веќе го применува со Хрватска.

- Ние имаме склучени договори со Хрватска и Црна Гора. Со Хрватска само за дела на организиран криминал  и корупција и перење пари, а со Црна Гора со поширок број кривични дела. Постои одреден цензус во однос на висината на пропишаната односно изречената казна така што за кривичните дела за организиран криминал и корупција мора да биде пропишана казна од најмалку четири години, а кога се во прашање други тешки кривични дела мора да биде пропишана казна затвор од најмалку пет години. Кога се работи за изречена казна, пак, тогаш таа треба да изнесува најмалку две години, рече тој.

Покрај договорот за екстрадиција, Македонија и Србија подготвуваат и договор за  меѓусебно извршување судски одлуки, кој треба да овозможи македонски државјани осудени во Србија да можат да ја издржуваат казната во Македонија и обратно, како и договор за правна помош во граѓанските и кривичните предмети.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk