Во Скопје Регионална Конференција за Законот за бесплатна правна помош  
     
 

07.07.2011

 
 

(МИА) - Усвојувањето на Законот за бесплатна правна помош во Македонија овозможи рамноправен пристап на граѓаните до институциите, што е во согласност со уставните одредби за рамноправен пристап до правдата. Една година од спроведувањето на овој Закон, ние сме задоволни од постигнатите резултати, истакна министерот за правда Михајло Маневски денеска на отворањето на регионалната Конференција за Законот за бесплатна правна помош.

За една година од примената на Законот за бесплатна правна помош до Министерството за правда на Република Македонија поднесени се 161 барање за остварување на правото на бесплатна правна помош, за 127 барања е одлучено, додека останатите се во постапка на решавање.

- Законот имаше одложена примена од шест месеци, време за кое што се донесоа сите подзаконски акти, се изврши едукација на различни целни групи за примената на Законот, се изврши негова  промоција и запознавање на граѓаните, појасни Маневски.

Тој посочи дека најчесто бесплатна правна помош е одобрена за спорови од имотно правен карактер, но, како што нагласи, има седум спорови кои што се покренати заради жртви на семејно насилство или жртви на казнено дело, додека седум спорови се од областа на заштита на малолетниците.

- Македонија направи добар исчекор со тоа што донесе еден ваков Закон, затоа што правото до пристапот до правната помош е основно човеково право и секој граѓанин има право на тоа независно од неговата материјална положба, истакна Маневски.

Средствата за давање бесплатна правна помош ги обезбедува државата, која го плаќа и адвокатот кој што ќе го избере странката.

- На овој начин ние ги доближуваме интересите на граѓаните и можноста да покренуваат судски постапки за различни спорови, тогаш кога тие за тоа немаат материјални средства, рече министерот за правда.

Согласно Европската конвенција за човекови права и препораките на Советот на Европа, како што додаде, ниту еден граѓанин не може да биде лишен од правото да не ја оствари правната помош доколку има потреба за тоа.

Во регистарот на адвокати во Министерството за правда има запишано 211 адвокати за давање ваква правна помош. Нивната тарифа, како што рече Маневски, е пониска за 30 отсто од адвокатската тарифа.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Ралф Брет истакна дека земјите имаат обврска да го овозможат пристапот до правда според меѓународните стандарди, преку создавање на потребната правна рамка.

- Оваа регионална конференција ќе послужи за размена на искуства и прашања во врска со Законот за бесплатна правна помош, како и за предизвиците во однос на усогласувањето на давањето правна помош од државата и невладиниот сектор, рече тој.

На конференцијата учествуваат владини претставници и луѓето вклучени во практичната примена на бесплатната правна помош од Македонија, како и од Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора, Србија и Словенија. Учесниците на конференцијата, организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во соработка со Министерството за правда, дискутираа за нивните искуства во обидите да се подобрат сегашните практики на ова поле, со цел да се создадат препораки за подобрување во иднина.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk