Македонија и Хрватска го парафираа договорот за екстрадиција  
     
 

08.07.2011

 
 

(МИА) - Македонија и Хрватска денеска го парафираа текстот на договорот за екстрадиција на сопствени државјани, што ќе овозможи поефикасна борба против организираниот криминал, корупцијата и перењето пари. Можноста за потпишување ваков договор за Македонија се отвори со измени на Уставот и уставниот Амандман 32, донесени во март годинава.

Договорот од македонска страна го парафира државниот секретар во Министерството за правда Биљана Бришкоска - Бошковски, а од хрватска директорот на Управата за меѓународна соработка при Министерството за правда Кристиан Туркaљ.

По парафирањето, како што изјави денеска министерот за правда Михајло Маневски, договорот ќе биде доставен до владите на Македонија и Хрватска, кои треба да го утврдат текстот и да определат претставник кој ќе го потпише, по што започнува процедура за ратификација во Собранието на Република Македонија и Саборот во Република Хрватска, по што тој влегува во правна сила. Тој додаде дека се очекува сите овие работи околу договорот да бидат завршени до крајот на септември годинава.

Договорот за екстрадиција, како што рече Маневски, опфаќа екстрадиција заради започнување кривично гонење и екстрадиција заради извршување на казна.

- Во однос на екстрадицијата на сопствени државјани за кривично гонење според одредбите од договорот таа ќе се изврши за кривично дело на организираниот криминал и корупцијата и кривичното дело на перење пари, за што е пропишана казна затвор од најмалку четири години, истакна Маневски додавајќи дека тоа се најтешките кривични дела што се предвидени во Кривичниот законик.

Во Договорот, како што посочи,  точно се определени кривичните дела на корупцијата за кои може да се изврши екстрадиција, заради започнување на постапка за кривично гонење. - Тоа се кривичните дела за злоупотреба на службената положба и овластување на службено и на одговорно лице, за давање активен и пасивен поткуп на државните службеници, за  активен и пасивен поткуп  во приватниот сектор, за проневера и за влијание со поткуп за да се изврши или не определено службено дејствие, појасни министерот за правда.

Договорот, како што посочи Маневски, предвидува да се изврши екстрадиција на сопствени државјани заради извршување на казна доколку се работи за изречена казна или за казна која не е довршена од најмалку две години затвор.

На парафирањето на текстот на договорот му претходеа неколку средби на експертско ниво, на кои интензивно   се  работеше на изготвување на билатералниот  договор.

Маневски информира дека денеска продолжуваат разговорите на работните групи со Министерството за правда на Црна Гора за склучување договор за екстрадиција и дека е завршена работата на работните групи за склучување договор за екстрадиција со Србија. Тој додаде дека се очекува  договорите за екстрадиција со Србија и Црна Гора да бидат потпишани до октомври годинава.

- Во текот на оваа недела со работата на овие три договори за екстрадиција со Хрватска, Србија и Црна Гора, Македонија зема активно учество во борбата против организираниот криминал и корупцијата согласно меѓународните конвенции, истакна Маневски.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk