Маневски им додели сертификати за завршена обука на 46 медијатори  
     
 

08.07.2011

 
 

(МИА) - Министерот за правда Михајло Маневски денеска им додели сертификати за завршена обука на 46 медијатори. Со нив вкупниот број медијатори во Република Македонија изнесува 177.

Петдневната обука, која во организација на Министерството за правда се одржа овој месец во Скопје, ја посетуваа кандидати од Скопје, Битола, Куманово, Гевгелија, Охрид, Кавадарци, Кратово, Радовиш, Штип, Делчево, Прилеп и од Тетово.

Министерот за правда на денешното доделување на сертификатите рече дека со медијацијата како вонсудска постапка алтернативно ќе се решаваат споровите со помош на трето, неутрално лице - медијатор.

- Медијацијата претставува флексибилна постапка која се темели на принципот на доброволност на страните во спорот за поведување постапка, неутралност и непристрасност, доверливост и транспарентност во однос на пристапот до информации, истакна Маневски.

Медијацијата е економична, ефикасна, брза и правична постапка, бидејќи се фокусира на изнаоѓање решение кое е прифатливо за двете страни. Донесеното решение е трајно, а односите меѓу страните не се нарушуваат.

- Оваа постапка е поефикасно средство за решавање на споровите, отколку тие да се водат во долги и скапи судски процеси, нагласи министерот за правда, додавајќи дека само добро обучени медијатори ќе можат успешно да се вклучат во решавање на споровите по пат на медијација.

Во медијацијата акцентот ќе биде ставен во граѓанските, трговските, работните, потрошувачките и другите спорни односи  меѓу физички и правни лица во согласност со закон.

Министерот за правда посочи дека со иницијативата за бесплатна медијација за решавање на стопанските спорови во април, мај и јуни годинава на бесплатна медијација упатени се 22 предмети од Трговскиот оддел на судот.

- Од вкупниот број на добиени предмети досега успешно се завршени шест предмети со постигнати спогодби за медијација во кои износот на средствата по предметите кои се решени по пат на медијација е во вкупен износ од 4.100.000 денари, рече Маневски.

Судовите и државата со помош на медијацијата, според министерот, ќе заштедат финансиски средства, бидејќи споровите ќе се решаваат многу побрзо и поефикасно.

Со измените и дополнувањата на Законот за парнична постапка од септември 2010 година, кои ќе се применуваат од 9 септември годинава, пропишани се одредби за медијација.

- Измените на Законот за парнична постапка во областа на медијацијата ќе има позитивен ефект и ќе допринесат за поголема применливост на Законот за медијација, со оглед на тоа што новите законски одредби претставуват законска рамка за поактивна и за обврзувачка улога на судијата во упатувањето на странките на медијација, истакна министерот за правда.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk