Македонија и Црна Гора го парафираа договорот за екстрадиција  
     
 

09.07.2011

 
 

          Македонија и Црна Гора  денеска го парафираа текстот на договорот за екстрадиција на сопствени државјани,  со што се  овозможува поефикасна борба против организираниот криминал, корупцијата и перењето пари.

          Можноста за потпишување ваков договор за Македонија се отвори со измени на Уставот и уставниот Амандман 32.


          Договорот за екстрадиција,  опфаќа екстрадиција заради започнување кривично гонење и екстрадиција заради извршување на казна.

          Во однос на екстрадицијата на сопствени државјани за кривично гонење според одредбите од договорот таа ќе се изврши за кривично дело на организираниот криминал и корупцијата и кривичното дело на перење пари, за што е пропишана казна затвор од најмалку четири години.

          Во Договорот, точно се определени кривичните дела на корупцијата за кои може да се изврши екстрадиција, заради започнување на постапка за кривично гонење. - Тоа се кривичните дела за злоупотреба на службената положба и овластување на службено и на одговорно лице, за давање активен и пасивен поткуп на државните службеници, за  активен и пасивен поткуп  во приватниот сектор, за проневера и за влијание со поткуп за да се изврши или не определено службено дејствие.

           Договорот предвидува да се изврши екстрадиција на сопствени државјани заради извршување на казна доколку се работи за изречена казна или за казна која не е довршена од најмалку две години затвор.

           По парафирањето договорот ќе биде доставен до владите на Македонија и Црна Гора кои треба да го утврдат текстот и да определат претставник  кој ќе го потпише, по што започнува процедура за ратификација во Собранието на Република Македонија и Црна Гора, по што тој влегува во правна сила.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk