Зајакнување на соработката меѓу Македонија и Италија во делот на организираниот криминал  
     
 

20.12.2006

 
 

Денеска, Министерот за правда Михајло Маневски се сретна со висока делегација од Министерството за правда на Република Италија предводена од Државниот потсекретар за правда Г-н. Алберто Маритати, во рамките на неговта обиколка на Западниот Балкан насочена кон зајакнување на билатералната соработка со земјите од регионот.

На средбата беа покренати значајни прашања од областа на реформите во правосудството и особено борбата против организираниот криминал, а беше дискутиранo за веќе започнатата соработка помеѓу Република Македонија  и Република Италија во областа на јавното обвинителство и други сегменти на правосудството, меѓу кои е и КАРДС Твининг проектот “Поддршка на Јавното обвинителство на Република Македонија,” кој ќе се имплементира во соработка со италијанскиот твининг советник Фердинандо Боатје де Монжо.

Министерот Маневски го презентираше напредокот во спроведувањето на реформата на правосудството и процесот на имплементацијата на законите со кои се овозможува заокружување на правната рамка, при што потенцира дека соработката со италијанските институции и експерти е од извонредно големо значење за Република Македонија, особено во делот на превенцијата и репресијата на организираниот криминал.

Државниот потсекретар за правда Маритати посочи дека се наоѓа во политичко-културна мисија на земјите од Западниот Балкан со цел да се даде легитимитет и институционална рамка на веќе започната соработка. Во таа насока тој изрази заинтересираност за создавање конкретен билатерален договор помеѓу Министерствата за правда на Република Македонија и на Република Италија кој ќе вклучи неколку клучни пункта и тоа: обезбедување на судска соработка и директна комуникација помеѓу судските власти од двете држави во областа на кривичната материја; создавање на мешани тимови со претставници на двете држави од редот на судската полиција со надлежност за работа на територијата на Република Македонија  и Република Италија; употреба на модерна технологија преку користење на видеоконференции за сослушување на сведоците и жртвите на криминал и обезбедување на нивна поголема заштита и создавање на можност за трансфер на осудени лица за служење на казната затвор во матичната држава на база на реципроцитет. Државниот потсекретар Маритати напомена дека ваквиот договор би претставувал основа за поефикасно сузбивање на организираниот криминал, а  би придонел во создавањето попривлечна клима за потенцијалните странски инвеститори во Република Македонија . Тој си зеде обврска Минстерството за правда на Република Италија да подготви нацрт договор кој ќе биде испратен на ревизија и ќе биде предмет на договор заедно со Министерството за правда на Република Македонија пред да се пристапи кон негово потпишување.

Министерот Маневски ја поздрави иницијативата и посочи дел од преземените активности од страна на Република Македонија во оваа област, меѓу кои е профункционирањето на видеоконференциската сала во Основниот Суд Скопје 1 на 04.11.2006 година. Министерот Маневски изрази спремност за разгледувањето на можноста за потпишување на ваков договор, кој координирано би се дефинирал и потпишал од двете страни во иднина со цел спроведување на ефикасна борба против организираниот криминал како стратешка определба на Владата на Република Македонија и реализација на поконкретна соработка во оваа област со Република Италија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk