Почеток на активности за воспоставување алтернативни мерки во казнениот систем  
     
 

01.09.2011

 
 

(МИА) - Министерот за правда Блерим Беџети, директорот на Управата за извршување санкции Лидија Гаврилоска и британскиот амбасадор во Македонија Кристофер Ивон денеска потпишаа Меморандум за соработка со цел имплементација на проектот „Поддршка на пробацијата во македонскиот  казнено – правен систем“.

Тој има за цел воспоставување на алтернативни мерки во казнениот систем за намалување на пренатрупаноста во затворите, зголемување на можностите за ресоцијализација на сторителите на кривични дела, намалување на цената на чинење на управување со казненопоправните установи, но и отворање можност општеството да добие општествено полезни услуги.

Со меморандумот се обезбедува британска помош во наредните 18 месеци за преземање активности за донесување стратегија за пробација, акциски план и јавна промоција на предложениот систем. Потоа, по завршување на овој проект, со средства од ИПА фондовите ќе се изготвува законско решение.

Министерот за правда Блерим Беџети истакна дека потребата за воспоставување ваков ситем мерки и ново законско решение произлегле поради фактот што постоечкиот систем за извршување алтернативни мерки, воспоставен со Кривичниот законик од 2004 година се покажала како нефункционален во пракса.

- Функционирањето  на пробациските служби во сите земји каде што се воспоставени покажуваат исклучително добри резултати во намалувањето на затворската популација, подобрување на ресоцијализацијата на осудените лица и намалување на рецидивизмот. Во Република Македонија по воведувањето посебна пробациска служба се очекува дека само во првата година затворската популација да се намали од 10 до 20 проценти и од тие причини значаен сегмент од реформите кои ги  реализира  Министерството за правда - Управата за извршување на санкциите е воспоставување посебна пробациска служба која ќе биде формирана во рамките на  Управата за извршување санкции, истакна министерот Беџети.

Британскиот амбасадор во Македонија Кристофер Ивон смета дека со воспоставување ваков вид алтернативни мерки во казнениот систем, не само што ќе и овозможи на Македонија голем чекор напред на патот кон Европската унија, туку ќе даде добри резултати на повеќе полиња.

- Ќе го намали проблемот со пренатрупаност во затворите. Со тоа ќе се создадат подобри услови за затворениците кои ќе останат во затворите, олеснување на лицата кои управуваат со нив, а ќе ги намали и финансиските трошоци. Исто така, овој систем ќе овозможи подобра ресоцијализација на сторителите на кривични дела, преку работење на општествено корисни работи од кои полза ќе има и општеството, рече Ивон.

Директорката на управата за извршување санкции Лидија Гавриловска е уверена дека овој систем ќе донесе позитивни резултати. Очекува законското решение да биде изготвено најдоцна за две години, а потоа да почне да се применува. Таа смета дека досегашниот не се покажал како успешен поради тоа што ингеренциите биле распоредени на повеќе субјекти.

Република Македонија, рече таа, иако гради нови затвори со кои ќе ги зголеми капацитетите за околу 2000 затвореници, сепак се соочува со проблем на пренатрупаност. Сепак, додаде таа, е под европскиот просек со 102 осудени лица на 100 илјади жители, споредено со европските земји, а особено со оние од регионот.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk