Министерот Беџети се обрати на Тркалезната маса на тема - 20 години од Уставот на Република Македонија  
     
 

15.09.2011

 
 

Во организација на Фондацијата Конрад Аденауер и Институтот за демократија денеска се одржа Тркалезната маса на тема – 20 од Уставот на Република Македонија, на која се обрати министерот за правда Блерим Беџети.  

Во своето обраќање министерот Беџети истакна дека во поновата историја на Република Македонија, 8-ми септември 1991 година претставува камен - темелник.  

Прогласувањето на независноста на Република Македонија беше проследено со донесувањето на Уставот, нејзиниот највисок правен акт рече Беџети. Со него на 17 ноември 1991 година беа поставени основите на новиот политички систем и беа гарантирани основните слободи и права на човекот и граѓанинот.  

Уставот од 1991 година како една од највисоките вредности на демократијата ја промовира и поделбата на власта на законодавна извршна и судска. Во него беа поставени и темелите на независното судство преку неограничениот мандат на судиите и на системот на нивниот избор и разрешување во што битна улога играше Републичкиот судски совет истакна министерот Беџети. 

Во изминатиов дваесетгодишен период, Уставот беше менуван неколку пати. Како најзначајни, и по обем и по содржина, Беџети ги истакна амандманите со кои беше имплементиран Охридскиот рамковен договор и амандманите кои се однесуваа на реформите во правосудството.  

Уставните амандмани од 2001 година додаде тој дадоа широки можности за правична застапеност на припадниците на заедниците во државните институции како еден од централните столбови на Рамковниот договор. Како негови основни цели, меѓу другите Беџети ги наброи и : почитувањето на етничкиот идентитет и на интересите на сите граѓани, развојот на демократијата, промовирањето на мирниот и хармоничен развој на граѓанското општество и развојот на евро-атланските интегративни процеси.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk