Заврши проектот за медијација на Министерството за правда  
     
 

23.09.2011

 
 

- Донесени Закон за медијација и Прирачник за судиите и јавните обвинители за препознавање на предмети погодни за медијација, обучени над 160 медијатори.

Ова се дел од резултатите од активностите што беа постигнати со Проектот за медијација кој во изминатите шест години го реализираше Министерството за правда во соработка со Меѓународната финансиска институција ИФЦ како членка на Групацијата на Светска банка и со поддршка на холандската Влада.

Целта на проектот, чие завршување официјално беше одбележано денеска, е воведување на медијацијата како главна алатка во подобрување на деловното опкружување кое им помага на стопанските субјекти да го ослободат капиталот врзан во судските спорови, и истовремено помага да се ослободи притисокот врз судовите.

Министерот за правда Блерим Беџети истакна дека имајќи ја предвид определбата за целосна интеграција во европските структури, Владата на Република Македонија презеде низа активности за приближување на постојното законодавство на Република Македонија со она на ЕУ што е еден од најважните предуслови за таквата интеграција.

- Цврсто верувам дека со досега преземените активности и заложба на Министерството за правда, ИФЦ и со поддршката на Холандската амбасада сите активности во понатамошниот период ќе бидат во насока на унапредување на медијацијата преку спроведувањето на Законот за медијација и хармонизација на нашето законодавство со она на ЕУ, изјави Беџети.

Холандската амбасадорка во Македонија Мариет Шурман истакна дека проектот е дел од поголема иницијатива во регионот што се реализира и во БиХ, Србија, Црна Гора и Албанија. Пренесе и искуства од Холандија каде што медијацијата била воведена во 1993 година и во овие, како што рече 10-ина години, има многу голем напредок, многу од случаите не завршуваат во холандските судови, туку тамошните граѓани ги решаваат со медијација.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk