Состанок на Советот за реформи во правосудството  
     
 

12.10.2011

 
 

Правосудниот систем во државата се уште има слабости на кои треба континуирано да се работи и доследно да се применуваат законите, смета министерот за правда Блерим Беџети, кој денеска претседаваше со состанокот на Советот за реформи во правосудството во Врховниот суд на Република Македонија.

Пред членовите на ова тело, Беџети истакна дека граѓаните се уште имаат перцепција дека судството во целина е слабо и ги нема основните атрибути на независност, ефикасност, стручност и одговорност и оти  Советот има исклучително важна работа - да врши согледувања и анализи со цел надградување на системот и посветување внимание на имплементацијата на законите.

Создавањето на реални услови за квалитетно спроведување на законите, според Беџети, е голема работа која бара материјални и човечки ресурси, а од посебна важност за реформите во правосудниот систем е и вклучувањето по потреба на парламентарните политички партии за да има поширок консензус при донесувањето на законите.

Според вицепремиерот за европски прашања Теута Арифи, судството е дел во кој има многу препораки кои треба сериозно да се земат предвид и да се внесе повеќе енергија во тој процес. 

- Има повеќе работи на кои треба да се поработи. Барањата и укажувањата од страна на Европската унија се однесуваат на ангажирањето на судиите од Академијата за судии и јавни обвинители, процесот на функционирањето, односно ефикасноста на судовите, како и зголемувањето на буџетите на Јавното обвинителство и на судовите. Сите овие работи се јасно кажани на листата што ја добивме со задачи, на која одговоривме со акцискиот план, нагласи вицепремиерката Арифи.

Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски смета дека има слабости но оти во изминатите години постојано се работи на нивно лоцирање и изнаоѓање на решенија за нивно подобрување.

- Можеме да зборуваме за поголем број на слабости на кои се работи. Изминатите години по ред имаме постојани состојби на подобруваме. Постојано се работи на лоцирање на слабостите и изнаоѓање решенија за нивно подобрување, рече Вангеловски, нагласувајќи дека во минатогодишниот извештај и во извештаите од претходните години се говорело за забелешки на владеењето на правото во кои судството е само еден од сегментите.

На новинарско прашање во врска со изборот на судиите и јавните обвинители, министерот Беџети рече дека не се согласува со забелешките дека изборот на судиите и обвинителите се врши по партиска линија, туку тоа го прават надлежните органи.

-  Има надлежни органи кои ги избираат кандидатите за судии и јавни обвинители Тоа се Републичкиот судски совет и Советот на јавни обвинители, а кандидатите од почеток треба да ги почитуваат сите услови. Се во рамки на законот, рече Беџети.

Со сличен став во врска со ова прашање е и јавниот обвинител Љупчо Шврговски.

-  Во обвинителството првенствено напредуваат стручните соработници и советниците кои се дел од обвинителската институција и од тие причини неможам да се согласам дека има било какво партиско или пријателско влијание при изборот, нагласи Шврговски.  

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk