Со симболичен фудбалски натпревар промовирани реформите во судството  
     
 

16.10.2011

 
 

МИА - Судии, јавни обвинители и адвокати преку симболичен фудбалски натпревар на националната арена „Филип Втори“ денеска ги промовираа реформите на судскиот систем што ги спроведува Владата на Република Македонија.

 

Судии на натпреварот беа водителката Маријана Станојковска и актерите Влатко Илиевски и Висар Етеми, кои преку кршење на фудбалските правила симболично илустрираа колку проблеми може да предизвика нереформираното судство.

Целта на настанот според министерот за правда Блерим Беџети, е на јавноста да и се објасни суштината и важноста од реформите, симулирајќи ги судските процеси во фудбалската игра, во која се гледа ефектот врз резултатот од некомпетентните играчи, судии или непочитувањето на правилата на играта или времето.

- Правото на фер судење е едно од основните човекови права кое можеме да го сретнеме во повеќе меѓународни документи почнувајќи од Универзалната декларациија и Европската конвенција за човекови права, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, Женевските конвенции и протоколи, Конвенцијата за правата на детето, рече Беџети.

 

Тој нагласи дека во рамки на реформите на правосудниот систем посебен акцент е ставен на јакнењето на независноста на судството и зголемувањето на неговата ефикасност. Во таа насока, додаде Беџети, се и вградените решенија во новодонесените закони од областа на судството, пред се во законите за Академија на судии и јавни обвинители, за парнична постапка, за судовите, за судскиот буџет и Судскиот совет на Република Македонија.

Според него, најзначајни новини во овие закони се воведувањето систем на кариера во напредувањето на судиите, подобрување на системот на дисциплинска одговорност и утврдување нестручно и несовесно вршење на работата на судиите преку воведување објективни и мерливи критериуми...

Минситерот Беџети потсети на системот за автоматско управување на судските предмети (АКМИС), кој прави автоматска распределба на предметите, со што се подобрува ефикасноста и се намалува просторот за манипулација.

 

Државниот секретар во Министерството за правда Диме Спасов истакна дека денешниот натпревар покажа каков судски систем не сакаме да имаме, односно што се случува кога правилата на игра не се јасни и не се еднакви за сите, а процедурата, како што рече, е тромава, политизирана, неефикасна нетранспарентна и водена од некомпетентни субјекти.

- Судството е условно кажано игра, што го засега секој од нас, и најмалиот сегмент во општеството, секој деловен субјект и секој граѓанин на Република Македонија. Затоа бенефитите од реформираното судство е промена на подобро што ќе ја чуствуваме сите. Нема право и правда без компетентност, одговорност, високи етички и професионални и човечки квалитети, рече Спасов.

Реформите, додаде тој, меѓудругото, ќе овозможат овие стандарди да бидат карактеристика на оние што го претставуваат лицето на правосудниот систем во нашата држава.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk