Министерот Беџети им врачи повелби на седум именувани извршители  
     
 

19.10.2011

 
 

Министерот за правда Блерим Беџети денеска на седум извршители им врачи повелби за именување и им порача работата да ја извршуваат совесно, чесно и одговорно во рамки на Уставот и законите, со што ќе се зголеми правната сигурност на државата и владеењето на правото

-  Од иницијалните 41 извршител кои во 2006 година започнаа со примената на новиот систем на извршување, во моментов во Република Македонија именувани се вкупно 90 извршители, истакна министерот Беџети.

Заради поголема ефикасност и функционалност во работењето на извршителите, како што рече Беџети, со измените и дополнувањата на Правилникот за определување на бројот на извршителите за подрачјето на основниот суд и утврдувањето на критериумите за бројот и распоредот на службените седишта на извршителите на подрачјето на Македонија, зголемен е бројот на седиштата на извршителите од 69 на 132, а намален е бројот на подрачјата на основните судови од 16 на 11 подрачја, согласно Законот за судовите.

Претседателот на Комората на извршители Антонио Коштанов посочи дека во моментов тече рокот од шест месеци, кој завршува на 31 декември, за премин на сите судски предмети кај извршителите.

- Се работи за околу 400 илјади предмeти кои треба да поминат кај овие 90 извршители и нивните 400 вработени кои ги исполнуваат обврските да ги спроведат правосилните извршни предмети, истакна тој.

Според него, проблемите на теренот се врзани со достапноста на податоците од регистрите со кои располага Македонија, но како што додаде, тие проблеми полека се решаваат со електронски пристап до информациите во институциите.

Коштанов информира дека најголем број предмети кај извршителите се однесуваат на комуналните давачки, за неплатена струја, вода, парно греење... Извршителите кога наидуваат на отпор при наплатата имаат право да побараат асистенција од полиција.

Споредено со бројот од минатото на задолжени извршни судии и стручни соработници-извршители кои работеа во судовите, бројот на извршители сега е многу поголем и од тие причини, како што рече Коштанов, извршувањето оди многу подобро.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk