Промовирани книги со меѓународни документи за независно и ефикасно судство  
     
 

27.10.2011

 
 

Судиите, јавните обвинители и другите претставници на правната професија во Македонија од денеска во своето работење ќе можат да ги користат книгите  „Меѓународни документи за независно и ефикасно судство“, том 1 и том 2, преведени на македонски јазик. Книгите по повод Европскиот ден на правдата ги промовира Академијата за судии и јавни обвинители, а се објавени со финансиска поддршка на ОБСЕ.

 - Го прославуваме Европскиот ден на правдата истовремено со промоција на две значајни книги не само за областа на правосудството,  туку воопшто и за државата, изјави по промоцијата министерот за правда Блерим Беџети.

Тој истакна дека  е добро и во иднина да се афирмираат досегашните достигнувања и заложби содржани во стратешките цели во областа на правдата.  

Промовираните книги претставуваат збирка меѓународни документи поделени во два тома. Во  нив се содржани Мислења на Советодавниот совет на европски судии при Советот на Европа, заедно со 63 селектирани референтни меѓународни документи кои ја гарантираат независноста и ефикасноста на судството, како и одбрана пракса на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

- Се работи за документи кои содржат  најширок дијапазон прашања поврзани со статусот на судиите, етиката, дисциплинската одговорност, односот со медиумите,  квалитетот на судската правда, информира Анета Арнаудова, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители.

Книгите, укажа, содржат  меѓународни документи со својот историски развој, од 1985  со првата универзална Декларација за независно  судство на Обединети нации, до последната на Комитетиот на министрите од 2010 година.

Арнаудова најави дека книгите  ќе бидат дистрибуирани на сите судии и јавни обвинители.

Подготовката на двете збирки почна во тек на шестмесечното претседавање на Македонија со Комитетот на министри на Советот на Европа. Воведот во книгите и стематизацијата на мислењата и останатите референтни документи и праксата на Европскиот суд за човекови права ги изготви Арнаудова, која е член на работната група на Советодавниот совет на европските судии.

Според амбасадорот на ОБСЕ Ралф Брет, објавувањето на книгите е дел од активностите што ги спроведуваат за поддршка на владеење на правото и незавосност на судството. -  Објавените документи се значајни за секојдневната работа на судиите и јавните обвинители. Тоа е само еден чекор, а треба да се користат ситеможности кои се на располагање, смета Брет.

Во рамки на одбележувањето на Европскиот ден на граѓанска правда Академијата за судии и јавни обвинители организира семинар за претседателите на судовите,  со предавање на претседателот на Европското  здружение на судии Герхард Рајзнер на тема „Меѓународни стандарди за независно и ефикасно судство и управување со судови преку мислењата на ССЕС“. Излагање ќе има и претседателот на Здружението на судии на Македонија Николче Николовски кој ќе се осврне на судските реформи во Макеоднија преку законските измени за зајакнување на ефикасноста и транспарентноста на судството со гаранции за судска независност и нивна имплементација. 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk