Министерот Беџети учествуваше на Регионалната Конференција „ Регионална и меѓународна соработка во борбата против организираниот криминал  
     
 

30.11.2011

 
 

На 29 и 30 Ноември Министерот за правда Г. Блерим Беџети учествуваше на  Регионалната Конференција на Министерствата за внатрешни работи и правда која се одржуваше во Република Србија  на тема „Регионална и меѓународна соработка во борбата против организираниот криминал во Југо-источна Европа: Предизвици и достигнувања “

Министерот Беџети имаше излагање во кое беше истакнато дека Република Македонија заедно со другите држави од Западен Балкан, ги следи глобалните трендови во справувањето со организираниот криминал. Истакна дека реформите кои се преземаат во Република Македонија се во функција на зголемување  на ефикасноста на органите на кривичниот прогон и судството, како и унапредување на соработката меѓу државите на регионално и меѓународно ниво.

Во рамките на Конференцијата Министерот за правда на Република Македонија и Министерот за правда на Република Србија потпишаа три договори:

-              - Договор за правна помош во граѓански и кривични предмети,    

-              - Договор за екстрадиција и

             - Договор за заемно извршување на судски одлуки во кривичната материја. 

Досегашната соработка со Република Србија се одвива согласно Договорот меѓу Република Македонија и Србија и Црна Гора за правна помош во граѓанските и кривичните предмети, но имајќи ги во предвид новите видови на правна помош, се укажа потреба од склучување на нови договори со кои се опфаќа поголема област на делување и се олеснува и забрзува меѓународната соработка.

Значајна новина во Договорот за екстрадиција претставува можноста за екстрадиција на сопствени државјани за кривични дела од организираниот криминал, корупцијата и перењето пари. На овој начин се отстранува можноста да се избегне судење или издржување на затворска казна за најтешките кривични дела со користење и криење зад државјанството.

Овој чекор на двете земји е во духот на јакнење на регионалната соработка и понатамошен развој на добрососедските односи.

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk