Министерот Беџети врачи решенија на судски преведувачи  
     
 

15.12.2011

 
 

Министерот за правда Блерим Беџети  на судските преведувачи кои ја поминаа проверката на знаењето денеска им врачи решенија за поставување на постојани судски преведувачи во судовите во Република Македонија.

Поздравувајќи ги присутните Беџети истакна дека во оваа осма сесија за проверка на знаењето на странски јазик на кандидатите за постојани судски преведувачи, што Министерството за правда ја спроведе во декември 2011 година, 153 кандидати успешно ја завршија проверката на знаењето на 14 странски јазици , од кои 1 кандидат положи 3 јазика и 10 кандидати  положија по 2 јазика.

Заклучно со оваа осма сесија вкупно  испитот го положија 847 судски преведувачи за 22 странски јазици и тоа за албански, англиски, босански, бугарски, германски, грчки, италијански, кинески, полски, португалски, руски, романски, словенечки, српски, турски, украински, француски, холандски, хрватски, црногорски, чешки и шпански. Истите се распоредени во 26 основни суда во државава .

Министерството за правда, рече Беџети  ја спроведе постапката за поставување на судски преведувачи, во согласност со Законот за судовите и Судскиот деловник, на начин и под услови утврдени со упатството за начинот и условите за поставување, проверката на знаењето и разрешувањето на постојаните судски преведувачи.

На крајот министерот Беџети на судските преведувачи им посака успех со надеж дека  должноста постојан судски преведувач  ќе ја вршат совесно, одговорно и уредно, согласно законот.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk