Меѓународна научна конференција за кодифицирање на македонското граѓанско право  
     
 

12.01.2012

 
 

Во организација на Македонската академија на науките и уметностите- МАНУ и Комисијата за изработка на Граѓански законик денеска во Скопје се одржува меѓународна научна конференција за кодифицирање на македонското граѓанско право.

Со кодификацијата, како што беше истакнато на собирот, ќе се верифицира посветеноста на Владата за јакнење на демократското општество, владеење на правото и правната држава. Процесот на кодификација ќе обезбеди натамошно осовремување на законските решенија во граѓанската област, градење на конзистентен систем, интегриран во единствен и систематизиран правен акт.

Граѓанскиот законик треба да ги интегрира нормите со кои се уредуваат граѓанско-правните односи во комплетен и непротивречен систем и ќе претставува историски чин за државата.

- Граѓанскиот законик заедно со Уставот, Кривичниот, Трговскиот и Изборниот законик претставува столб на демократската правна држава, истакна во своето излагање претседателот на МАНУ Владо Камбовски.

Според него, државата која ги има тие законици подготвени на високо правно-цивилизациско рамниште и хармонизирани со правото на државите членки на Европската унија може да се пофали дека е државасо висока фаза на правно-цивилизациски развој и го етаблирала правото како регионален инструмент за натамошен развој на општеството.

- Ова е најголем легислативен проект во нашата понова правна историја, а за да се пристапи кон негова подготовка потребно е меѓу другото да имаме развиена правна наука која ќе може да го осмисли и да го води целиот процес на кодификација на македонското граѓанско право, истакна Камбовски.

Овој проект треба да исполни неколку очекувања. Не само да ја претстави Македонија како една културна заедница, туку да одговори на предизвиците на современоста, односно науката и знаењето, да го поттикне научниот интерес и да прибере научен подмладок и да го насочи во сите овие подрачја што ќе бидат истражувани, рече Камбовски.

Министерот за правда Блерим Беџети посочи дека Република Македонија на патот кон своето интегрирање во европското семејство во последните 10 години презема длабоки реформи во сите домени на своето општествено живеење.

- Во редот на овие реформи посебно значајно место имаат оние од доменот на правосудството како еден од трите независни уставни столбови на власта, рече Беџети и додаде дека Владата и Собранието на Република Македонија се посветени на реформите, а затоа најдобро зборува фактот што законите со европски предзнак секогаш имаат приоритет во подготвувањето и донесувањето.

Претседателот на Комисијата за изработка на Граѓанскиот законик професорот Гале Галев  рече дека зафаќајќи се со проектот за Кодификацијата на граѓанското право се вратиле наназад со цел да видат што правеле цивилизациите пред нас. - Притоа дојдовме до 2015 година пред нашата ера и таму ги најдпвме првите траги на тогашните генерации кои чуствувале потреба да ги уредат сложените општествено-економски односи, додаде тој.

Во Комисијата за изготвување на Граѓански законик на Република Македонија учествуваат експерти од државава и од странство, меѓу кои како надворешни членови се д-р Томас Мајер од Германија и професорот по процесно право од Хрватска Михајло Дика.

На отворањето на конференцијата присуствуваше претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, претседателот на Уставниот суд Бранко Наумовски, претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, Народниот правобранител Иџет Мемети, како и голем број истакнати правници од државава.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk