Промовирана кампања за подигање на јавната свест за владеење на правото  
     
 

29.02.2012

 
 

Права на работниците, заштита на животната средина, слобода на говорот, борба против корупцијата, плаќање данок, образование на децата и пријавување на домашното насилство се централните теми од кампањата за промовирање на концептот на владеење на правото што денеска во Скопје ја промовираше американскиот амбасадор Пол Волерс.

Тој информира дека кампањата следи по широка анкета спроведена преку маркетинг-агенција со граѓаните од цела Македонија на која се истражувало колку граѓаните ги познаваат законите и степенот до кој ги ценат и почитуваат тие закони.

- Идејата за оваа кампања произлезе од верувањето дека законите не им припаѓаат само на оние кои ги практикуваат - на судиите, адвокатите, обвинителите и на полицијата. Пристап до правдата и еднаков третман според закон е фундаментално право на секој граѓанин на оваа земја, а тоа право носи и некои одговорности. Јавноста е значаен партнер во владеењето на правото, рече амбасадорот Волерс.

Тој потенцира дека промоцијата на владеењето на правата е една од највисоките приоритети на Владата на САД не само тука во Македонија, туку во целиот регион и во светот, а тоа е исто така приоритет и на Владата на Македонија што се огледа во важните реформи во судството.

Mинистерот за правда Блерим Беџети  потенцира дека независноста на судскиот систем претставува основен столб на правниот поредок и функционирањето на правната држава. Во тој контекст рече остварувањето и заштитата на човековите права во секое демократско општество непосредно се поврзани со ефикасноста на судството како самостојна власт.

- Министерството за правда во изминатиот период се зафати со сериозни чекори со реформата на судството преку измени и дополнувања на организациските, материјалните и процесните закони. Во тој дух времето во кое е организирана оваа кампања соодветствува со имплементацијата на новите законски решенија во областа на правосудството. Нивна основна цел е обезбедување соодветен пристап до правдата за граѓаните, рече Беџети и нагласи дека Владата и Министерството ќе продолжат со активностите за натамошно јакнење на независноста на судството.

Кампањата насловена „Владеење на правото“ ќе се одвива на македонски и на албански јазик, а вклучува печатени, радио-реклами, билборди, ТВ-спотови. Ќе се емитува на територијата на целата земја во три фази во текот на оваа година и ќе трае до ноември. 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk