Успешна имплементација на Законот за вештачење - денеска доделени лиценци на уште 30 вештаци  
     
 

12.04.2012

 
 

Министерот за правда Блерим Беџети денеска  свечено додели триесетина лиценци за судски вештаци од разни профили.

             Во оваа пригода министерот Беџети истакна дека Министерството за правда во изминатиот период изготви 450 лиценци на судски вештаци од повеќе различни области меѓу кои: 187 лиценци од областа на медицината, 125 лиценци од областа на економијата, 42 лиценци од областа на машинството и сообраќајот, 19 лиценци од областа геодезија, градежништво и архитектура, 9 лиценци од областа земјоделство, шумарство и водостопанство, 14 лиценци од областа технолошко инженерство, 4 од областа рударство и геологија, 11 лиценци од областа заштита на животната средина и екологијата, 9 лиценци од областа ветеринарство,  и од други области.

                Со цел што поуспешна имплементација на Законот за вештачење, истакна Беџети  од неговото влегувањето во сила до денес, Министерството за правда презеде низа активности меѓу кои: во законски пропишаните рокови ги донесе сите подзаконски акти,  формирани беа вкупно 19 Комисии за полагање на стручен испит за вештак од различни области, беа објавени огласи за полагање на стручен испит за стекнување со лиценца за вештак за следниве области: материјално сметководствено и финансиско работење, судска медицина, интерна медицина, технолошко инженерство, заштита на авторски права, други сродни права и права од интелектуална сопственост.

             Осврнувајќи се на важноста на  Законот за вештачење,министерот Беџети нагласи дека  во претстојниот период Министерството за правда ќе ги комплетира и комисиите кои недостигаат со соодветни експерти од областите,  по што ќе се распишат и огласи за полагање од оние области каде што има најголема заинтересираност.

Една од активностите кои следат  најави Беџети , е и објавување на Регистарот на вештаци кој по неговото објавување во Службен весник на Република Македонија ќе биде достапен за сите судови во Република Македонија и други надлежни институции.

Министерот Беџети со надеж за поквалитетно извршување на дејноста вештачење на присутните им посака многу  успех во   нивниот професионален   ангажман како вештаци!

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk